АРМ доби донација во висина од 10 000 фунти од Обединетото Кралство
Голем број учебници, софистицирана информатичка опрема за интерактивно учење англиски јазик и модерен софтвер е дел од донацијата што денеска Обединетото Кралство ја додели на Центарот за странски јазици во Армијата на Република Македонија.
Вредноста на донацијата е околу 10.000 фунти. Таа ќе им овозможи на припадниците на АРМ да следат современа јазична настава од учебници кои се дел од престижни универзитети, како Оксфорд и Кембриџ. Меѓу подарената опрема е т.н. паметна табла, нова техника во наставата за странски јазици, која ќе придонесе поголема интерактивност, а со тоа и подобри резултати во изучувањето на англискиот јазик.
- Целта на обезбедената донација е подобрување на јазичните вештини на целокупниот персонал кој соработува со НАТО силите и учествува во НАТО операциите, вежбите и обуките, рече министерот за одбрана Талат Џафери на свеченото предавање на донацијата во касарната „Илинден“.
Началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески истакна дека познавањето на англискиот јазик бил првиот чекор кон достигнување на интероперабилноста на НАТО и дека со учеството во мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, Центарот за странски јазици, како дел од Командата за обука и доктрини, се етаблирал во клучен чинител во подготовката на македонските мировници.
Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија Кристофер Ивон посочи дека постои одлична соработка помеѓу двете земји и дека Обединетото Кралство е меѓу најголемите и најблиските поддржувачи на евроинтегрирањето на Република Македонија.
- Поради големиот импакт во светски рамки, не потценувајќи ги останатите јазици, англискиот јазик е ефикасна алатка за комуникација во оперативните средини, со што значително се влијае на интероперабилноста, рече амбасадорот Ивон.
Центарот за странски јазици располага со 20 опремени училници, седум аудио и една компјутерска лабораторија, во кои секојдневно следат настава над 100 припадници на Армијата. Во изминатите десет години, обука во Центарот успешно завршиле над 300 припадници на АРМ.
http://www.kurir.mk/makedonija/vesti/118828-ARM-dobi-donacija-vo-visina-od-10-000-funti-od-Obedinetoto-Kralstvo
______________________
Si vis pacem, para bellum