Унапредување на соработката и професионалноста следејќи ги стандардите на НАТО – заврши „Летниот кампус 2012“Денес, на армискиот полигон „Криволак“ со изведување на показната еднострана тактичка вежба „Имплементација на против-бунтовничките операции и операции за цивилно-воена соработка како индиректен пристап во пост-конфликтниот менаџмент“ практично заврши „Летниот кампус 2012“.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, министерот на Косовските безбедносни сили, Агим Чеку, началникот на Воениот универзитет „Васил Левски“ – Софија, бригадниот генерал Цветан Георгиев Харизанов и останати високи гости од Министерството за одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија.
Во оваа пригода министерот Бесими истакна дека „Летниот кампус 2012“ кој се одржува трета година по ред, е од особена важност за достигнувањето и развојот на стандардите на НАТО, во контекст на упатувањето во меѓународни мировни мисии.
„Денес заедно со министерот Чеку од Косово ја следевме вежбата која е дел од активностите на ’Летниот Кампус 2012’ чии учесници се кадетите од Воената академија на Република Македонија, како и од Косово, Бугарија, Црна Гора, Велика Британија и Турција. Тоа се вежби кои се исклучително важни бидејќи се работи според доктрината и концептот на НАТО за меѓусебна соработка и координација на земјите од регионот со цел успешна реализација и учество во меѓународни мировни мисии според стандардите на Алијансата. Составен дел од тие мировни мисии се припадници на различни земји, кои заедно ги координираат активностите и заедно работат на успешноста на остварување на целите на НАТО и на основната цел на тие мисии – да им се помага на луѓето каде и да се појави потреба за тоа“, потенцираше министерот Бесими.
Министерот на Косовските безбедносни сили, Агим Чеку, истакна: „Летниот кампус 2012“ го сметаме како големо постигнување и еден настан од голема важност и тоа поради неколку причини. Прво ова е едно сведоштво за тесната соработка која ја имаме со Министерството за одбрана на Република Македонија. Второ, тука кадетите имаа можност многу да научат за мировните операции, односно за доктрината на мировните операции и воедно да ги научат и да ги извежбаат сите тактики и техники за решавање на различни ситуации во една пост-конфликтна операција. Трето, тука нашите кадети работеа, учеа и вежбаа во една мултинационална атмосфера заедно со кадети од седум други држави каде имаа можност да воспостават и лични контакти со цел разменување на различни искуства. Исто така тие седум нации учеа и вежбаа почитувајќи еден стандард, стандардот на НАТО, што е од исклучителна важност“.
Оваа година на „Летниот кампус 2012“, беа обработени двете водечки линии на операции, т.е. цивилно-воените операции (ЦВО) и против-бунтовничките операции (ПБО). Имено, активноста се одвиваше во неколку засебни фази, односно фаза 1 (академски дел), фаза 2 (стекнување на соодветни вештини) и фаза 3 (имплементација на стекнатите знаења и вештини).
Активноста организирана од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”- Скопје, а поддржана од Министерство за одбрана на РМ и Генералштабот на АРМ е замислена да ги долови основните контури на современиот концепт на кооперативна безбедност во контекст на учеството на цивилните и воените структури во процесот на градење нации. Знаејќи дека кооперативната безбедност е водечка компонента за која се залага и новиот стратешки концепт на НАТО, но и дека кооперативната безбедност е на агендата на најелтините воени училишта активноста, „Летен кампус 2012“ директно одговара на најактуелната потреба во процесот на образование на питомците и студентите во областа на безбедноста.
Учесници на кампусот беа питомци од Македонија, Бугарија, Црна Гора, Косово, Обединетото Кралство, Турција, потоа студенти од Воена академија, универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултетот за безбедност Скопје, ФОН Универзитет и Европски Универзитет на РМ.
http://www.morm.gov.mk/portal/?mainnews=zavrsi-letniot-kampus-2012&lang=mk