Свеченост за испраќање на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ во гарнизонот Тетово
На 8-ми јануари (среда) 2014 година, во касарната ,,Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово, со почеток во 12.00 часот ќе се одржи свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ ќе присуствуваат: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Во шеснаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Припадниците на АРМ кои се дел од контингентот за мисијата ИСАФ, во наредните шест месеци задачите ќе ги извршуваат во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, изминативе години во континуитет добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот. Заради запазување на процедурите за влез во касарната ,,Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово, пристигнувањето пред пријавницата на касарната, треба да биде најдоцна до 11.30 часот.