Вие сте вистинските патриоти! Припадниците на Единицата за специјални задачи се дел од оние кои беа на браникот на татковината во 2001 година кога нашата земја беше соочена со најголемата закана. Тогаш на крвавиот судир во кој беа изгубени бројни животи му претходеше обид за разорување на државните институции. Тогаш беше обелоденета аферата „Прислушување“.
Петнаесет години подоцна, Република Македонија повторно е соочена со обид за напад врз институциите. Повторно се соочуваме со обид да биде заложена иднината на Република Македонија за нечиј политички интерес. Се обидуваат да не убедат дека овој најсрамен криминален акт бил дело на „патриоти“.
Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање во касарната “Илинден“ по повод одбележувањето на 34 годишнината од формираањето на Единицата за специјални задачи “Тигар“.
Јанкулоска потенцираше дека - “Осомничени за шпиунажа, незаконско прислушување и соработка со странски служби, не се и не може да бидат „патриоти“. Тогаш аферата заврши без кривична одговорност. Но сега Македонија покажува дека има капацитет. Сега лажните патриоти се откриени и истите се кривично гонети, а еден од нив е веќе осуден“.
“Свесни се дека нивната приказна сега не минува кај граѓаните. Свесни се дека само го валкаат поимот ПАТРИОТ со кој сите се гордееме. Затоа сакам да ви порачам, во 2001 година, патриоти бевте Вие и вашите претходници кои ги ризикуваа животите за Македонија, а не тие што ја конструираа аферата со прислушувањето. Денеска, повторно патриоти сте Вие кои застанувате на браникот на татковината, а не оние кои бараат работни визи во странство, нови возила, компјутери и некакви „чадори“ кои би ги заштитиле. Не може да бидат патриоти оние кои наместо од сопствените граѓани, поддршка добиваат од „пријателите“ од надвор“, рече меѓу другото министерката Јанкулоска.
Денес, според Јанкулоска ЕСЗ преставува модерна формација во чиј состав влегуваат високо-обучени специјализирани тимови, подготвени за извршување на сите безбедносни задачи, кои што во изминатава година покажаа дека се максимално подготвени за извршување на значителен број на ангажмани, а преку специјализираните тимови за спасување од Единицата за специјални задачи, МВР за прв пат на организиран начин партиципираше во меѓународна хуманитарно-спасувачка мисија за помош на настраданите подрачја од поплавите во Р.Србија и Босна и Херцеговина.
Исто така Јанкулоска нагласи дека Министерството, во континуитет посветува внимание за развојот и работата на ЕСЗ, заради одржување на највисоките Европски и светски стандарди за функционирање на ваков вид на специјални полициски единици, најавувајќи дека таквиот пристап продолжува притоа презентирајќи дел од плановите за натамошно модернизирање и надградба на Единицата почнувајќи од заокружувањето на процесот на доосовременување на опремата и вооружувањето; потоа трајно решавење на уредувањето на базата со неопходните инфраструктурни потреби за успешно функционирање; како и воведувањето на нова систематизација и организациска поставеност согласно безбедносните стандарди.
А сето ова, како што истакна Јанкулоска со единствена цел - да изградиме квалитетен и ефикасен безбедносен систем во кој ЕСЗ зазема значајно место во заштитита на граѓаните на Република Македонија, од сите безбедносни закани.
http://www.mvr.gov.mk/ShowAnnouncements.aspx?ItemID=14472&mid=1367&tabId=358&tabindex=0