Ване Шиндев, човекот што сам направи хеликоптер (ФОТО)
Со свои раце да изградиш летало. Не е мала работа. Ване Шиндев (67) од Скопје безмалку е еден од оние малкуте во светот што можат да се пофалат дека измислиле, конструирале и направиле летало. Го чува во својот двор во Сопиште и чека да полета со него.
За себе вели дека е голем вљубеник во воздухопловните летала и во летањето воопшто, уште од најрана возраст.
- Првпат видов авион што лета многу ниско кога имав само пет години. И така почна сè. Веднаш се вљубив и таа страст нема згаснато ни до ден денес – вели Ване.
Така, тој, кога имал само 17 години, имал извршено 49 скока со падобран, а неговата желба да стане пилот никако не стивнувала.
- Неколку пати конкурирав да станам пилот, меѓутоа повеќепати ме одбиваа, од разни причини – со жалење објаснува Шиндев и додава дека за својот 70-ти роденден сака да го направи својот педесетти скок со падобран.
Идејата да го направи своето интересно летало му дошла пред две години. И вели дека не му било тешко, особено ако се земе предвид дека неговиот дом е вистински музеј за воздухопловни предмети.
- Одбрав неколку дела и ги вградив во леталото. Сите делови се од авион. Тоа всушност е хеликоптер што полетува и слетува авионски. Две години го изработував, со љубов, трпеливост. Мислам дека со ова само уште еднаш ја докажав мојата љубов кон висината – објаснува љубителот на височини.
Леталото е промовирано на Денот на воздухопловството, а од него биле воодушевени и техничарите, и пилотите, и инженерите.
- Добив големи пофалби и од странските воени аташеа – вели Ване и додава дека и покрај преголемата желба тој да го направи првиот тест, поради немањето искуство со летање, тестот го извршил пилотот Столе Пејовски, меѓутоа не се работело за летање, туку за „протрчување“ на леталото за да се утврди како функционира.
- Генерално резултатите од првиот тест излегоа позитивни, меѓутоа, се разбира, имаше и негативни резултати, некои завртки ми беа погрешно наместени. Сега е полесно оти ги дознавме недостатоците – објаснува конструкторот.
Негова најголема желба е, секако, сам да летне со своето летало.
- Да се стопли, па сега напролет сакам да го испробам сам. Да се вивнам со него во височините. Ако тоа ми успее, сам себе ќе се прогласам за пилот – раскажува Ване.
http://www.mkd.mk/79524/makedonija/vane-shidev-chovek-shto-sam-napravi-helikopter/