Најдобрите полицајци во Македонија, се од Белгија!
Тие се полицајци обучени за откривање на дрога, експлозиви и оружје и работат во македонското МВР. Вистински професионалци се и речиси непогрешливи при работата. Да, ова можеби ви звучи неверојатно, но тие навистина потекнуваат од Белгија. Станува збор за четириесетина дресирани кучиња од расата белгиски овчар кои работат за полицијата, поточно во Единицата за службени кучиња.
Јане Илиевски – началник на единицата за службени кучиња
Екипа на МКД.МК го имаше задоволството одблизу да се запознае со овие беспрекорни и исклучително верни полицајци чие седиште е во скопската населба Хиподром, веднаш до терените за јавање, и да помине еден работен ден со нив и со нивните дресери. Таму не пречека тим од десетина полицајци – дресери на чело со нивниот началник Јане Илиевски. И за да биде веднаш јасно за каква полициска единица станува збор, мора да напоменеме дека за да се стане дел од неа, полицајците поднесуваат посебни молби и барања.
„Не може секој полицаец да стане дел од нашата единица. Прво и основно е безизмерната љубов кон кучињата и односот кон истите. Сите вработени во оваа единица се страствени љубители и одгледувачи на кучиња. За да биде еден полицаец распределен тука мора да поднесе посебно барање и молба, и ако се оцени дека ги исполнува критериумите, има шанси да биде примен“, објаснува Илиевски.
А за какви кучиња станува збор, слушнете од првиот човек на оваа единица.
„Пред се тоа е можеби една од најтемпераментните раси. Белгиските овчари се специфични и по тоа што посебно се приврзуваат кон нивниот дресер. Тие се најподобни за откривање на дрога, експлозиви и оружје. За прв пат во Македонија ги донесовме во 1995 година. Оттогаш наваму сами ги одгледуваме. Постигнуваат неверојатни успеси и речиси и да нема ниту теоретски шанси да направат грешка во работата. Поради нивното совршенство и резултати во службата, како и фактот дека се најподобни за дресура, тие се најзастапени во полициите на најголем дел од европските држави. Кога во една Германија му го земаа приматот на гермаскиот овчар кој важеше за најуниверзален пес, што повеќе да се каже за нив“, вели началникот Илиевски.
Алф
Верувале или не, и кучињата исто како и полицајците мора да полагаат испити за да станат дел од оваа единица.
„Значи и едните и другите се подложни на претходна обука која трае околу 4 месеци. Потоа следува испитот каде и полицајците и кучињата мора да полагаат за да бидат ангажирани во единицата. Доколку ги задоволат критериумите, стануваат дел од нашиот тим. Доколку кучето на испитот се покаже како неподобно, ние не се откажуваме и продолжуваме да работиме со него. Ако утврдиме дека нема никакви шанси за успех, тогаш најчесто ги ангажираме во стражарскочуварската служба, а дел од нив ги продаваме на јавно наддавање со почетна цена од 3.000 денари“, објансува Илиевски.
И како за инат на целиот машки род, многу поуспешни во службата биле, женките.
„Апсолутно. Женките се посебни и многу се поуспешни и поинтелигентни од мажјаците, барем од нашето искуство со оваа раса. Мажјаците се многу горделиви и тврдоглави при дресурата и работата, што не е случај со женките. Женките даваат многу поголеми успеси, но нивен хендикеп е што се женки (вели Илиевски и се смее). Тие имаат два породилни циклуси годишно, и затоа ние сме принудени во тој периот да ги игнорираме и не можеме да ги ангажираме. Сме размислувале и за стерилизација, но со тоа ќе предизвикаме хормонски пореметувања со кои тие потоа ќе изгубат на својот темперамент и посветеност на работата“, вели тој.
Брек
Работниот век на кучињата – полицајци е околу десет години, а потоа заминуваат во пензија. За нивното пензионирање одлучува посебна комисија која ја оценува нивната способност. Доколку се способни за работа, продолжуваат без разлика на утврдената граница. Пензионираните пси потоа се дочувуваат од страна на дресерите во единицата до нивната смрт. Помал дел, пак, по пензионирањето за жал завршуваат во центарот за бездомни кучиња.
Дресерите и кучињата – полицајци во оваа единица немаат утврдено работно време. Работат во три смени по 24 часа на ден. Дневно имаат најмалку по три интервенции, а месечно бројката на нивно дејствување се движи и до 150 – 160 пати.
Мина
„Значи делуваме секојднево, без разлика кое време од денот. Во најголем дел интервенциите се однесуваат на откривање на експлозиви при проверка на разноразни објекти, и тоа по проценка на останатите служби на МВР. Доколку проценат дека е потребно да се провери некој објект или слично, не повикуваат и ние веднаш интервенираме. Што се однесува до дрогата, најголем успех постигнавме лани кога нашиот Каил откри 270 килограми марихуана во Тетово, и тоа во живинарски објект. Доколку сте биле во објект кај што се чува живина, можете да замислите колку е силна миризбата од живината, но Каил успеа да ја намириса скриената марихуана“, со гордост зборува началникот на оваа полициска единица.
Мик
Македонската полиција е една од ретките која ги дресира кучињата посебно да откриваат експлозив, а посебно оружје. Пред неколку години во посета на оваа единица биле нивни колеги од Турција. Турците им дале неверојатна понуда на макдонските колеги – едно мало кутре од македонските белгиски овчари за еден голем транспортер на кучиња.
„Кутре за возило беше нивната понуда. За жал, ние додека тие престојуваа тука немавме мали легла. Но, нивната понуда е само доказ колку многу вредат овие кучиња. Во Турција на пример, немаат кучиња кои посебно трагаат по експлозив, а посебно по оружје, а ние имаме. Замислете само да треба да трагаме по експлозив некаде во центар на Скопје, а кучето истовремено да е дресирано и за експлозив и за оружје? Па ќе се шекне, ќе трча по секоја трета кола или човек бидејќи оружјето и тоа како е застапено кај македонските граѓани“, смеејќи се објаснува Илиевски.
Браун
Освен белгискиот овчар кој е најзастапен во оваа единица, има уште и лабрадори, шарпалнинци и волчјаци. Лабрадорите исклучиво се користат за пронаоѓање дрога, поради нивната исклучителна способност за мирис, додека шарпланинците и волчјаците се дел од стражарочуварската служба. Тие се прераспределени да обезбедуваат најчесто воени и полициски објекти, но и објекти на други државни установи.
Интересно е што дел од оваа единица е и една преубава шарпланинка со име Беба. Таа е чувар на единицата на службени кучиња, а како што истакнаа вработените, била подарок од директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.
Беба
И по неколку часа во пријатно друштво со дресерите и кучињата од оваа посебна полициска единица, време беше да ги видиме „белгијците“ на дело. Следуваат прекрасни и фасцинантни фотографии од полигонот за вежби каде овие прекрасни примероци од кучиња ги демонстрираа своите полициски вештини. Погледнете и уживајте.
Емил Зафировски
Фото: Роберт Атанасовски
http://www.mkd.mk/81548/makedonija/najdobrite-policajci-od-makedonija-se-od-belgija/