Илјадници пријавени за вработување во полиција
Илјадници млади и невработени се јавиле на конкурсот на МВР кој беше објавен пред само десетина дена, а во кој се бараа триста нови полицајци.
Според официјалните информации од Министерството досега биле примени над 3.700 пријави од кандидатите, а биле подигнати над 8.000 формулари за аплицирање, па од МВР побарале дополнителни 2.500 формулари за да можат да им излезат во пресрет на сите заинтересирани.
- Досега се поднесени над 3.700 пријави, но има доста и кои се вратени, бидејќи не ги исполнуваа пропишаните услови или пак имало грешки при пополнувањето, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
Овој интерес можеби се должи и на пропозициите дадени во огласот, во којшто строг е единствено критериумот за физичката подготвеност. Кандидатите треба да имаат под 25 години доколку за прв пат бараат работа, минимум четиригодишно средно образование, да не се осудувани и да немаат судска забрана за вршење на професијата полициски службеник.
Потребата за нови полицајци се јави откако во последните неколку години голем број вработени во Министерството ги исполниле законските прописи за пензија или пак го искористиле правото на предвремена пензија.
- Од 2009 година до сега правото на предвремено пензионирање го искористиле преку 1.300 припадници на Министерството. Освен тоа, одредени единици, специјалците на пример, имаат стриктно одредени правила во однос на возраста, поради што е потребно екипирање, објасни Котевски.
Во моментот МВР има околу 12 илјади вработени вклучувајќи го помошниот и техничкиот кадар, а реалниот број е околу 9.500 полициски службеници вклучувајќи ги БЈБ и УБК. Процентуално гледано, полицајците во униформа се во помал број од останатите овластени службени лица.
Инаку, вчера МВР објави и оглас за прием на 33 волонтери, правници, економисти и информатичари. Повеќето од нив би работеле во седиштето на Министерството, а мал дел би биле распоредени на секторите низ државата.
Според огласот потребни биле 20 дипломирани правници, единаесет дипломирани економисти и двајца волонтери кои имаат завршено Електротехнички факултет или дипломирале на Катедрата за информатика на Природно-математичкиот.
http://vecer.com.mk/?ItemID=ED668268C734EA469217D09DFB1EB684