Што ќе вози македонската полиција
Мошне актуелно е деновите по отворањето на понудите за доделување договор за јавни набавки од Министерството за внатрешни работи за нови 150 возила. Свои понуди доставиле само два импортери во државава, Порше Мекедонија, за Škoda Yeti 2.0 TDi 4x4 и Ка-Дис за Seat Altea Freetrack 2.0 CR4WD.
Коj ќе ги замени американските дотраени и амортизирани модели од Chrysler останува да видиме, бидејќи допрва претстојат оние завршните анализи и мислења од експертите, како од полето на автомобилската сфера, така и од економската, бидејќи едно од основните прашања е секако, колку сето тоа ќе чини.
- Наредниот период ќе следува анализа на понудите и нивна евалуација, односно оценување дали тие во целост ги исполнуваат условите предвидени во тендерската документација. Доколку се потврди тоа, заинтересираните ќе бидат известени за терминот на јавното наддавање, бидејќи единствен критериум по кој ќе се одбере новото возило на македонската полиција ќе биде понудената цена - велат од МВР.
Според тендерската спецификација, возилата треба да бидат со дизел-мотор, со зафатнина од 1.900 до 2.300 кубни сантиметри и моќност на моторот од 110 до 140 киловати. Во крајната цена треба да биде вклучена и специфичната опрема на возилата.
На почетокот мошне интересно е да се истакне дека и двете компании, поточно двата бренда во оваа битка, се дел од Концернот Volkswagen. И двете возила кои се актуелни во понудата, според динамиката и структурата се слични, користат соодветни технологии и технички решенија, но поради конфигурацијата и поставеноста на возилата, сепак тие се и многу различни.
Seat Altea Freetrack 2.0 CR4WD
Freetrack е надграден врз темелите на Alteа, моноволуменско возило нecнесомнено еден од најбараните и најоригиналните модели на шпанскиот Seat. Поточно на продолжената верзија означена како XL. Должината на возилото е непроменета и изнесува близу 4,5 метри (4.493 mm), како и широчината 1,8 метри (1.788 mm), со меѓуоскино растојание од 2.576 mm, но затоа Altea Freetrack и има 40 милиметри поголема одалеченот од подлогата и е повисока за 185 милиметри од моделот XL, што секако е битен фактор за обезбедување на подобри off-road перформанси. Што се однесува до дизајнот вреди да се истакне дека се одело на тоа да не се направат премногу модификации во однос на она ремек дело за кое многумина сметаат дека е вистински бисер, стандардната везија на Altea, творба на великанот Валтер да Силва, сега прв човек на одделот за дизајн во Концернот. Однадвор се разликува по робусните странични заштитници и специфични пластични браници кои не се во боја на каросеријата, не само поради поагресивниот и подинамичен стајлинг, туку и од практични причини. Токму поради ова има посебна заштита на праговите и калниците, како и на двојниот крај на издувните цевки, светлата за магла и кровните носачи. Специјално за Alteа Freetrack дизајнирани се 17-инчни фелни. Во внатрешноста Altea Freetrack ги задржува сите позитивни страни на стандардната Alteа XL, поточно голема пространост, функционалност и флексибилност. Напред доминира инструменталната табла и мошне прегледната средишна конзола. Патниците позади имаат доволно место, а седиштата може да се регулираат за 160 mm по должина, овозможувајќи на тој начин различни комбинации со големината на багажникот(490 литри).
Што се однесува до понудениот мотор, станува збор за проверениот агрегат на Концернот, што според бројките е најбараниот и најпродаваниот, кога станува збор за дизелската понуда. Овој 2,0 литарски TDI агрегат е со технологија од последната генерација на common rail, располага и со DPF филтер за честички и има максимален вртежен момент од 350 Nm при 1.800 вртежи/минута. Вака екипираната Altea Freetrack постигнува максимална брзина од 204 km/h, а до 100 km/h забрзува за 8,7 секунди. Што се однесува до потрошувачката во комбиниран режим на работа троши до 6,0 l/100 km, а емисијата на CO2 e 159 g/km.
При управувањето не се чуствуваат димензиите и тежината на возилото (1.540 килограми). Благодарејќи на одличното подвозје и потпирање Altea Freetrack може прилично брзо да се вози. На асфалт има одлични забрзуваења и се карактеризира со врвен комфор, иако поради теренските потреби потпирањето е малку покруто. Во нормални услови на возење интегралниот погон ги задвижува само предните тркала, а во случај на потреба Haldex спојката ја префрлува и до 50 % сила и на задната оска. Одалеченоста од подлогата од 310 mm, аглите на пристап и тргнување, како и аголот на преминување преку препреки му даваат особини на вистински теренец.
Škoda Yeti 2.0 TDi 4x4
Yeti во естетски стил е надградба врз пространиот Roomster. Но, сосема разбирливо, со префинет дизајнерски зафат направен е модел кој просечниот семеен автомобил го претворил во атрактивен SUV претставник со универзални способности. За Yeti едноставно употребена е најоптималната формула, бидејќи овој специјалитет долго време се „крчкаше“ (четири години), од концепт до сериски автомобил, во германската и чешката кујна.
Што се однесува до димензиите ова е сепак компактен автомобил со должина од околу 4,2 метри и широчина 1.793 и височина 1.691 mm. На предниот дел доминираат големи светла каде се имплементирани оние помалите за магла. Маската е со препознатлив Шкодин трендовски дизајнрески пристап, каде доминира новото лого. Гледано од страна очигледно е повисокото подвозје во чии агли се сместени тркала од 17 цола, а робусниот изглед го даваат калниците и повисокиот заден дел каде доминираат одново големи оригинални задни светла и петтата врата.
И во ентериерот продолжува трендовската Шкодина приказна, со препознатливи детали од групата каде овој бренд припаѓа. Уредувањето е очекувано со сите потребни детали, одлична прегледност на инструменталната табла, со многу елементи на средната конзола и се разбира добар избор на материјали. Предните седишта добро го држат телото и се мошне удобни, што е многу близу до класичните автомобили, а не теренците. Позади, она што е и важно за ваков облик на возила има повеќе од солидна пространост. Седиштата се со Varioflex систем и може да се направи комбинација со три и со две места за седење, во зависност од потребите. Во багажникот ќе се најде доволно место- 413 литри. Реално, кога се ќе се земе во предвид Yeti, благодарејќи на добро смислената модуларна внатрешност, нуди многу простор за возило со меѓуоскино растојание од 2.578 mm.
Перформансите на дизелскиот 2,0 литарски TDI мотор се исти како во Freetrack-от(и двата потекнуваат од VW) и овде нуди солидни вредности, како да не станува збор за каросерија со скромна аеродинамичност и возило тешко околу 1,5 тони. За ова сведочат и бројките, автомобилот забрзува до стотка за 8,4 секунди, а максималната брзина е 201 km/h. И во најекстремни градски метежи и посебни режими на работа, на отворен пат или надвор од патеката потрошувачката изнесува во просек околу 6 литри и емисија на CO2 155 g/km.
Yeti ја истакнува својата управливост и постојаност и во поекстремни ситуации, а свиоците ги „голта“ без проблем и добро ги „впива“ сите нерамнини пред се поради високиот клиренс (180 mm). Погонот на сите четири тркала е решен преку Haldex-спојка од четвртата генерација, која се контролира електрохидраулички. Спојката во ниту еден момент не создава оптоварување на погонот или менувачот. При добри услови (сува подлога) 96% од моментот се пренесува на предните тркала, а доколку ситуацијата налага, електронското управување може да префрли и до 90% позади. Автоматската блокада на диференцијалот спречува задното тркало со помал допир со подлогата да пролизга. Тоа значи Yeti лесно совладува препреки и терени, а со помош на електронијата управувањето со возилото е без поголеми потешкотии. При ова секако своја улога имаат сигурносните системи како ABS, ASR (состав против пролизгување), EDS (систем за стабилност), кои се во стандардна опрема. Не треба да се заборави и на пакетот воздушни перничиња ESP, EBV, MSR и MBA системите. Кон ова и потсетување дека и овде во стандардната опрема пристигнуваат многу елементи кои се грижат за функционалноста и ергономијата, но и задоволство при управувањето.
На крајот да споменеме дека од услугите и на двете изведби се задоволни полициските служби на повеќе држави во Европа, а анализите ќе потврдат дали Чесите или Шпанците, ќе ги заменат Американците.
http://www.avtoplus.mk/?pid=4590