06.05.2012
Оперативно - тактичка вежба " Пролет12 "
Согласно меѓународните правни правила и прописи, воспоставените стандарди и препорачаните најдобри пракси од областа на безбедноста на цивилното воздухопловство; како и врз основа на домашната легислатива и воспоставениот систем за управување со кризи во Република Македонија, а во насока на проверка на подготвеноста, подобрување на координацијата и меѓусебната комуникација на сите структури, надлежни за преземање мерки и активности, како и понатамошно унапредување и доусовршување на постапувањето при справување со кризи предизвикани од тероризам, во цивилната авијација, Министарството за внатрешни работи, презеде иницијатива, ја организира и реализира оперативно-тактичката вежба „Пролет 12“.
Основна цел на оваа вежба е подигнување на степенот на подготвеност за менаџирање на состојби предизвикани од терористички закани, а заради заштита на здравјето, животот и имотот на луѓето, уставното уредување и безбедноста на државата.
Со управувањето со вежбата раководи УБК и тоа на двете нивоа: тактичко и оперативно (Главен Штаб и оперативен Штаб). Во вежбата учество ќе земат:
-УБК
-ЕСЗ-Тигри
-ЕБР
-Крим. Техника
-СВР Скопје
-Дежурен центар за состојби на МВР
-Службата за општи и заеднички работи на Влада на РМ
-Гранична полиција-аеродромска полиција
-Служба за безбедност на аеродромско претпријатие-ТАВ
-Агенција за цивилно воздухопловство
-М-НАВ-аеродромска контрола на летање
Работно сценарио на вежбата:
На 06.05.2012 година, ВИП патникот во придружба на двајца советници, по завршување на официјалната посета на РМ, од Скопје пристигна во ВИП салонот на аеродромот „Александар Велики“. По завршените формалности, патниците се упатуваат кон специјалниот авион, паркиран на аеродмската платформа, спремен за полетување. Во авионот се двајцата пилоти. Во близина на авионот се наоѓа аеродромското возило „follow me“- кое ќе му го покаже патот до полетно-слетната патека.
ФАЗА 1
Колоната од три возила застанува до авионот и ВИП патникот со својата придружба влегува во него. Во тој момент од возилото „follow me“ излегуваат две вооружени и маскирани лица, влегуваат во авионот и ја затвораат вратата на истиот. По неколку секунди непознат машки глас преку системот за врски на авионот, се јавува до аеродромската контрола на летање, најавува дека авионот е грабнат, ВИП патниците и екипажот се држат како заложници и бара од контролната кула да му дозволат да полета. Од страна на аеродромската контрола на летање, не му се дозволува да полета, а во меѓувреме од страна на аеродромските служби е направена физичка бариера со која се блокира движењето на авионот. Контролорот на летање ги известува корисниците на информации (аеродромска полиција, ТАВ обезбедување и др.) според листата за известување во вонредни ситуации.
Од тој момент започнуваат активностите на МВР и останатите одговорни субјекти за разрешување на заложничката криза. Во текот на преговорите и од применетите оперативно-истражни мерки, добиени се сознанија дека се работи за припадници на терористичка организација ХХХ, кои што ги истакнаа следните барања:
1. САД, чиј што претставник е ВИП патникот, да ослободи нивни соборци
2. РМ да ги повлече своите војници од Авганистан
3. Да им се дозволи да го напуштат аеродромот.
ФАЗА 2
Преговорите резултираа со постигнување договор за ослободување на двајца заложници-придружници на ВИП патникот, а за возврат да им биде доставено возило со кое грабнувачите би го напуштиле воздухопловот и аеродромот заедно со ВИП патникот. По тоа грабнувачите ги ослободуваат двајцата патници (придружници на ВИП патникот). Лицата се прифатени од страна на силите на МВР на РМ.
ФАЗА 3
Согласно нивните барања, доставено им е возилото. При нивното оддалечување со возилото, врз нив е направена контролирана интервенција од страна на Тимот на единицата за специјални задачи (ЕСЗ) при МВР.
Преземени мерки и активности, согласно предвиденото сценарио:
А) Фазата на првичен одговор
Започнува со добивање на сознанието за грабнатиот авион со ВИП патникот и трае се до воспоставување на главниот и оперативниот штаб и пристигнување на силите за справување со инцидентот:
- грабнување на ВИП патникот со придружбата
- воспоставен контакт меѓу грабнувачите и контролата на летање
- поставени се возилата за противпожарна заштита и итна медицинска помош.
-отпочнати се преговорите од страна на шефот на смена на аеродромската полиција. Старешината на ПС раководи со целокупното постапување и ги координира активностите на сите служби до формирање на Главниот и Оперативниот штаб.
- известување до ДЦС
- формирање на Главниот штаб и преземање контрола од страна на раководителот на Главниот штаб. Во исто време формирана е и отпочнува да функционира Оперативниот штаб на лице место.
-пристигнување и поставување на:
-тим за преговори
- тимови за физичко и сообраќајно обезбедување (внатрешен и надворешен периметар)
- тим за интервенција
- тим за противпожарна заштита
- тим за итна медицинска помош
- тим за аналитика и документирање
- тим за оперативни истраги
- тим за логистика
-тим за деактивирање на експлозивни направи
Со отпочнување на функционирање на Главниот и Оперативниот штаб и на оперативно-тактичките тимови, отпочнува со реализација втората подфаза:
Б) Фаза за организирано постапување
- воспоставување контакт на преговарачкиот тим со грабнувачите
- истакнати се барањата на грабнувачите
- постигнување договор за ослободување на двајца заложници, а за возврат да им се достави возило, со кое би го напуштиле аеродромот
- издадена е наредба од страна на раководителот на Главиот штаб за извлекување на двајцата ослободени заложници
- на грабнувачите им се доставува „обработено„ возило“
- отпочнува контролираниот напад на тимот за интервенции
- извршен е антирерористички преглед од страна на тимот за деактивирање на експлозивни средства
- известување од раководителот на Главниот штаб дека оперативно-тактичката акција е завршена
http://www.mvr.gov.mk/ShowAnnouncements.aspx?ItemID=11199&mid=1367&tabId=358&tabindex=0