АРМ наскоро и во „сините шлемови“ на ОНПо учеството во мисиите на Алијансата, Македонија разгледува како да го зајакне своето присуство меѓу „сините шлемови“ на ОН. Тоа неодамна го најави и првиот човек на македонската одбрана Зоран Јолевски, а доказ дека напредуваат преговорите во овој правец за остварување на оваа наша државна определба е последната работна посета што неделава ја оствари во Пекинг државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски
Нашата армија може многу скоро да ги замени операциите на НАТО со мировничките мисии на ОН
СЕ ПРОДЛАБОЧУВА ВОЕНАТА СОРАБОТКА СО ПЕКИНГ
Mакедонија, следејќи ја актуелната државна стратегија ориентирана кон мировни мисии, можно е многу скоро да ги замени постојните операции на НАТО со мировничките мисии на Обединетите нации (ОН).
По учеството во мисиите на Алијансата, Македонија разгледува како да го зајакне своето присуство меѓу „сините шлемови“ на ОН. Тоа неодамна го најави и првиот човек на македонската одбрана, министерот Зоран Јолевски.
Доказ дека напредуваат преговорите во овој правец за остварување на оваа наша државна определба е последната работна посета што неделава ја оствари во Пекинг државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски.
Тој во Кина се сретна со заменик-началникот на Генералштабот на армијата на НР Кина, генерал-потполковник Ванг Гуанжонг, и со политичкиот комесар на Колеџот за одбранбени студии при Универзитетот за национална одбрана, полковник Ји Шукијанг.
Од Министерството за одбрана информираат дека за време на средбата со кинеската страна биле утврдени натамошни чекори за продлабочување на меѓусебната соработка.
- Состанокот наедно беше искористен да се дискутира за учеството на Македонија во мировните операции предводени од Народна Република Кина во ОН, каде што оваа земја е една од водечките држави по бројот на распоредени мировници - соопштуваат од Министерството.
За време на посетата на Кина, Стефаноски истакнал дека овие состаноци се уште еден доказ за заедничките напори за продлабочување на квалитетните односи меѓу Република Македонија и НР Кина, кои се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправноста на двете земји.
ПРИДОБИВКИ ОД МИСИИТЕ
Државата и експертската јавност се согласни оти Македонија има големи придобивки од учеството во меѓународните мисии и дека тоа во иднина треба да се зголеми. Воено-политичките аналитичари посочуваат дека над 250-те ордени за борбени достигнувања и повеќе од 1.400-те медали за учество во операции во странство што досега ги добија војниците и старешините на АРМ што биле во мировните мисии се најдобриот доказ за рејтингот што нашата војска заслужува да го ужива меѓу сојузниците од НАТО. Сепак некои од експертите посочуваат оти иако Македонија инвестирала многу во благородната цел за одржување на светскиот мир, и тоа досега секогаш позитивно било оценувано од нејзините сојузници, сепак државата и понатаму останува пред портите на светските организации, со неостварени евроатлантски амбиции.
МОЌЕН И ВАЖЕН ПРИЈАТЕЛ
Македонија ѝ е партнер на Алијансата, но не може да стане полноправна членка поради спорот со Грција за името. Македонскиот интерес за вклучување во НАТО останува, само има интерес за партнерство со сите. Македонско-кинеските официјални армиски односи почнаа пред неколку години, во времето на министерувањето на Лазар Еленовски. Оттогаш постепено но сигурно се зголемува темпото на меѓусебните македонско-кинески контакти.
Кина е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и нејзиниот глас е многу важен во светската организација, особено во ситуација кога во највисокото меѓународно тело на дневен ред би дошле македонското прашање и спорот со официјална Атина. Поради тоа, како и поради економскиот пробив на Пекинг на Балканот и во Европа, што нуди можности за големи кинески инвестиции во Македонија, градењето добри односи со најмногубројната држава на светот и најголемата армија е од суштински интерес за нашата држава.
КАКО БИ ЧЛЕНУВАЛЕ
Според познавачите на условите, трошоците од буџетот на Македонија, ако учествуваме во иднина во некоја од мисиите на ОН, се покриваат со донации од светската меѓународна организација и нема да претставуваат оптоварување за буџетот. Тие велат дека во мисиите се учествува на тој начин што земјата-донатор ги финансира војниците на земјата што сака да учествува со неа во одредена мисија. На пример, при ланската посета на кинескиот министер за одбрана на Скопје македонската страна предложила ние да се вклучиме во мировните сили на Кина, кои се дел од „сините шлемови“ на ОН. Ако Кина го прифати овој предлог, би требало како земја-донатор да го финансира и учеството на војниците на АРМ во мировната мисија на ОН.
Инаку, светската организација, освен платите на персоналот, си зеде обврска на годишно ниво да ја покрива и обесштети амортизацијата на оружјето и на борбените возила на земјата што ги испратила во неколкуте мисии во кои учествуваат (Конго, Либерија, Тахити, Либан, Малави, Брегот на Слоновата Коска, Кипар и други).
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1212141655341&id=9&prilog=0&setIzdanie=23346