Министерот Јолевски во посета на Воената академија и Регионалниот центар за односи со јавноста
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје и Регионалниот центар за односи со јавноста беа двете образовни институции кои денеска ги посети министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски.
Министерот Јолевски на Воената академија беше информиран за подготовките за учебната 2014-2015 година и за плановите за развој на оваа високообразовна институција, што е, потенцира тој, многу значајна за подготовка на квалитетни кадри во АРМ.
- На првиот конкурс се пријавија 128 кандидати и веќе сме во процес на селекција. Ќе се изберат 25 кандидати од Македонија, кои ќе студираат. Има пријавено кандидати од Црна Гора, Босна и Херцеговина и првпат ова година од Словенија, изјави министерот Јолевски.
Министерот во оваа прилика укажа на тоа дека целта на академијата, каде што наставата ќе се одржува на македонски, но и на англиски јазик, е таа да прерасне во најелитна во регионот и во Европа. Воената академија покрај класичните воени студии, посочи министерот, ќе се развива и во областа на сајбер безбедноста и логистиката.
- Очекуваме следниот семестар во пролет македонски кадет да отиде на размена на Воената академија Норвич во САД, а од следната година да имаме и студенти од САД на размена за еден семестар, информираше министерот Јолевски.
Воедно, министерот за одбрана го посети и Регионалниот центар за односи со јавност кој е 26. НАТО партнерски центар за тренинг и едукација, единствен од ваков тип во Република Македонија, но и НАТО-мрежата на центри за обука. Во процесот на обука и едукација во РЦОЈ, кој се развива со помош на Кралството Норвешка, досега беа вклучени над 850 домашни и странски учесници. За потребите на Ценарот се обучени 25 домашни и регионални медиа тренери од норвешката консултантска куќа „Медиа Ловен“. Медиа тренерите доаѓаат од Македонија, Хрватска од Босна и Херцеговина и од Косово. За престојниот втор курс откако Центарот е прераснат во НАТО центар за обука кој ќе се одржи од 15-19 септември годинава, досега има заинтересирани кандидати од Молдавија, Ерменија, Украина, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од повеќе институции од Република Македонија.
На новинарско прашање поврзано со претстојниот НАТО-самит, министерот Јолевски посочи дека се работи на максимално презентирање на тоа што Република Македонија го има постигнато и на прашањето зошто земјава треба да добие покана за полноправно членство во Алијансата.
http://www.morm.gov.mk/?mainnews=%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%BE%D1%82-%D1%98%D0%BE%D0%BB%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D1%81%D0%B5%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D0%BE%D0%B5%D0%BD&lang=mk