Борбената униформа на Армијата на Република Македонија
МОРМДа се биде војник е тешка, чесна и одговорна професија. Војникот и неговата појава во униформа се одраз на неговиот професионализам и однос кон работата и вредностите кои армијата ги застапува
Начинот на носењето на униформата, нејзиниот изглед и среденост често пати се прашање на лична гордост за еден војник, но воедно го отсликува моралот и духот кој владее во една единица. Покрај македонското знаме на левиот ракав и единствениот знак за припадност на Армијата кои ги носат припадниците на Армијата на Република Македонија, униформата претставува уште едно обележје кое ги разликува нашите војници и старешини од останатите. Во периодот од оформувањето на Армијата на Република Македонија па сè до денес униформата која ја носеа нашите припадници беше променета неколку пати.
Првата униформа која ја носеа припадницте на АРМ во текот на 1992 беше наследена од поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) т.е. моделот „М 77“ со сошиено македонско знаме на левиот ракав. Униформата „М77“ беше монохромна сиво-маслинеста униформа без маскирна шара на себе. Желбата да се има сопствена борбена униформа резутираше со првиот тип на македонска униформа „М-92“. Маскирната шара беше четвороколоритен дизајн без посебна поврзаност со генералните маскирни шари кои се користат во светот. Во составот на „М-92“ беа користени светла кафеава боја, зелена, окер и маслинеста. Униформата беше изработена од памук и истата беше произведена во „Тетекс“-Тетово. До април 1993 година сите припадници на АРМ беа опремени со новата униформа. Во истиот период се произведе и новата службена униформа за старешинскиот кадар. Со започнувањето на користењето на оваа униформа се исфрли во целост старата униформа. Маскирната шема во целост ги задоволуваше маскирните ефекти на терени каде што вегетацијата е исушена, но не и за терените каде вегетацијата е повеќе бујна и позелена. Како резултат на овие забелешки во текот на наредната година се изврши зановување на борбената униформа со моделот „М-94“. Новата борбена униформа го задржа дизајнот и маскирната шара, но ги промени боите кои се користеа. За новата униформа се искористија потемни бои како темнокафеава, светлокафеава, шумско зелена и светла окер.
Униформата во својот комплет се состоеше од пантолони, кошула, блуза, ветровка и капа, додека за останатата опрема (транспортна вреќа и борбен ранец беше користен моделот„М77“). Замената на униформата „М 92“ со новиот модел „М-94“ започна веднаш по нејзиното воведување во 1995 година и се одвиваше во етапи. Во дел од единиците на АРМ, како што се Воената академија и Военото воздухопловство се користеа и други видови униформи како што е британската летна униформа „DPM 1985“, која беше составена само од пантолони и кошула, кои беа исклучително лесни по тежина и издржливи. Во Единицата за специјални намени, покрај стандардната униформа на АРМ се користеше и американската „М81-Woodland“.
Кон крајот на 1995 година беше развивана и креирана новата униформа на АРМ „М-96“. Униформата го задржа истиот дизајн и крој, маскирната шара беше иста со изменети и потемни бои. Во М96 беа користени црната, темнокафеавата, шумскозелената и окер боја. Во својот состав униформата имаше 67% памук и 33 % полиестер. Овај модел на униформа се распоредуваше во единиците, а воедно се повлекуваше старата и дотраена „М-92“.
Во дел од единиците на АРМ – Полкот за специјални операции, Првата и Втората механизирана пешадиска бригада и Баталјонот на воена полиција припадниците беа задолжени и со униформата „М-99“ од производителот „Миле Драгиќ“. Маскирната шара „Миле Драгиќ“ користеше црна, темнокафеава, зелена и песок-боја, со шари кои се поставени вертикално и хоризонтално, без особен распоред. Дизајнот на маскирната шара доста потсетува на американската „М-81 Woodland“, но нијансите кај „Миле Драгиќ“ се за некој степен потемни. Оваа униформа во својот комплет имаше: шапка, шешир, пантолони, кошула, ветровка (виетнамка), горотекс-комплет, чизми, тактички модуларен ранец, тактички елек, навлака за шлем итн. Оваа униформа беше користена за првите неколку ротации во мисијата ISAF. Во мировната мисија „Слобода за Ирак“ припадниците на контингентот ја користеа триколоритната пустинска маскирна униформа на американската војска која во својот дизај ги користеше светлите бои и тоа светлокафеава, светлозелена и беж боја. Униформата беше комбинација на полиестер и памук и овозможуваше лесно дишење на телото. Овој вид униформа подоцна се користеше и за мисијата ISAF. Карактеристично за овие два вида униформи е фактот дека беа доста издржливи и беа отпорни на големи распарувања поради самиот материјал (изработен на мали зајакнати квадрати), како и поради начинот на кој материјалот е шиен.
Во 2010 година Армијата на Република Македонија ја усвои и претстави новата борбена униформа со основна и универзална дигитална маскирна шара. Борбена униформа со основна шара во себе содржи црна, кафеава и маслинеста боја на светлозелена основа. Борбената униформа со универзална шара во себе содржи светлокафеава и валкано бела боја на песочна основа и истата се носи за време на мировни мисии надвор од државата. Фирма производител на оваа униформа беше „Империјал Трејд“. Во својот комплет новата борбената униформа се состои од: шапка, шешир, беретка, ветровка, џемпер, палто, панталони, одело со мембрана и модуларен ранец. Комплетното задолжување на припадниците на Арм со борбената униформа на АРМ заврши во 2012 година, кога воедно се славеше и јубилејот „20 година АРМ“.