Полицајците на коњи и на велосипеди скапа инвестицијаДо пред скоро време набавката на коњи и формирање единица беа дел од стратегискиот план за развој на МВР. Сега, оваа идеја е тргната и ја нема во планот, како што велат од МВР, за да се спречи таа тема да биде цел за дневнополитички препукувања во време на економска криза
МВР без алтернативните единици за дејствување
Македонската полиција остана на класични форми на дејствување во непредвидени ситуации. Обидите за формирање коњичка и велосипедска единица, кои би патролирале на улиците, се покажаа безуспешни.
До пред скоро време набавката на коњи и формирање единица беа дел од стратегискиот план за развој на МВР. Сега, оваа идеја е тргната и ја нема во планот, како што велат од МВР, за да се спречи таа тема да биде цел за дневнополитички препукувања во време на економска криза. Од МВР велат дека користа ваквата единица е голема, но додаваат дека станува збор за скапа инвестиција.
Во насока на промовирање нови форми на полициско присуство на полицијата низ градовите пред четири години МВР доби велосипеди и обучи полицајци што патролираа на нив. Во последниве две години полицајците на велосипед, многу ретко, речиси воопшто не можат да се видат на улиците на главниот град.
Извори од МВР велат дека така најверојатно ќе биде и ова лето, бидејќи велосипедите и опремата се оштетени и неупотребливи.
Коњи од Хрватска
Коњичките единици се дел од полициите на многу земји во светот. Од земјите во регионот ги имаат министерствата за внатрешни работи на Србија, Бугарија и на Грција.
Еден припадник на полициска коњичка единица при интервенција со специјално издресирано животно во разбивање толпа што демонстрира насилство е многу поефикасен. Тој заменува педесетина полицајци, кои како пешадија со палки и со штитови се обидуваат да се справат со нарушителите на јавниот ред и мир.
Во средината на деведесеттите години на минатиот век МВР набави десетина расни коњи од Хрватска. Но обидот за формирање ваква единица заврши многу неславно и беше проследен со доста скандали. Коњичката единица никогаш не заживеа, а некои од коњите подоцна беа продадени на аукција, а некои, пак, беа подарени на коњички клуб во Скопје.
Според експертите, функцијата на коњичките единици е двојна. Тие вршат голема работа во рамките на превентивните полициски активности, а особено при интервенции во случаи на нарушување на јавниот ред и мир од толпа. Во земјите каде што ги има, коњичките единици се редовно присутни пред влезовите на стадионите на натпреварите за кои постои ризик од тензии меѓу навивачките групи. Но припадниците на овие единици секојдневно се присутни и на улиците и во парковите во европските и во светските метрополи, каде што патролираат.
Повеќенаменска употреба
Употребата им е повеќенаменска, од превенција, патролна работа до конкретни ситуации при нарушување на јавниот ред и мир, каде што имаат уникатно значење и функција. Во вакви случаи, тие се ударна силна. Ако станува збор за тензии во кои се употребува огнено оружје, тука не се употребуваат, бидејќи стануваа лесна цел, вели Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје.
Во главниот град на Бугарија, Софија, полициската коњичка единица е секојдневно на терен.
- Полициските коњаници секојдневно можат да се видат во парковите во Софија како патролираат и добро си ја вршат работата. Порано во парковите можеа да се забележат многу наркозависници и остатоци од шприцеви и игли, кои многу ја грдеа сликата. Сега такво нешто нема, барем јас не сум забележала - раскажува В.К., жителка на Софија.
Коњичките единици биле реалност и во нашата земја пред неколку децении, како дел од поранешна Југославија. Повозрасните скопјани се сеќаваат дека полицајците на коњ биле редовен декор на најголемиот стадион во земјава, на натпреварите што Вардар ги играл со ривалите од тогашната југословенска прва лига.
Сепак, трошоците што ги носи поседувањето на ваква единица се големи. Еден расен коњ, погоден за ваква намена, чини од 25 до 30 илјади евра.
- Тоа е доста скапа работа и бара многу средства. Тука се и набавката, стандардите во одгледувањето и негувањето, ветеринарските прегледи и сместувањето. Мора да има лица што ќе се грижат за нив и обука на полицајците што ќе работат со нив. Обично коњички единици имаат земјите во кои постои долгогодишна традиција и во кои коњите се дел од културата, па и начинот на живеење - вели Стојановски.
Автор: Бранислав Закев
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDe ... anie=22546