AРМ 116-та воена сила
Колкава ѝ е силата на армијата?
Во моментот кога безбедноста на глобален план никогаш не била на пониско ниво и кога се актуелни повеќе воени судири, како оние во Украина и на Блискиот Исток, а постојано се најавуваат и нови, како оној на Корејскиот Полуостров, интернет-порталот „Глобал фајерпауер“ неодамна подготви листа на 126 земји рангирани според нивната воена сила. На листата, првпат, се појави и Македонија.
Порталот извршил и рангирање на државите по континенти и по региони. Највисоко на глобалната скала од држави, сосема очекувано, стојат суперсилите САД, Русија и Кина. Следните десет места ги пополнуваат Индија, Велика Британија, Франција, Јужна Кореја, Германија, Јапонија и Турција, а на дното се наоѓаат Сомалија, Централноафриканската Република и Намибија.
На листата на „Глобал фајерпауер“, која се објавува редовно десетина години, на Македонија ѝ е доделена 116-та позиција.
Според рангирањето на армиите од Балканот, најмоќна армија, со исклучок на Турција, која е меѓу првите десет во светот, има Грција. Грчката војска котира највисоко од регионот и се наоѓа на 28-то место. Зад неа е Романија, која е позиционирана на 44-то место. Следуваат Бугарија (66), Хрватска (67), Србија (83), Албанија (92), Словенија (111), Македонија (116) и последна е Босна и Херцеговина (121). Во листата на „Глобал фајерпауер“ од регионот засега единствено не се рангирани армиите на Црна Гора, која е во завршна фаза од процесот на пристапување кон НАТО, и на соседно Косово, кое практично нема свои вооружени сили.
Инаку, според она што е напишано во описот на сајтот, рангирањето е извршено според единица мерка наречена индекс на моќ, која произлегува од комплицирани пресметки добиени од информации од јавни извори, како што се веб-порталот на ЦИА, социјалната мрежа Фејсбук, интернет-енциклопедијата Википедија и други. Во рангирањето не се земени предвид нуклеарните способности на оценуваните држави.
- Нуклеарната способност не се зема предвид во пресметките, а пласманот на државите на табелата се базира исклучиво врз потенцијалите на конвенционални способности на армиите на земјите за војување на земја, во воздух и на море. Во пресметките која армија колку е моќна влегуваат вредности поврзани со ресурсите, финансиите и географијата на државите, односно повеќе од 50 различни фактори ја дефинираат конечната добиена вредност за формирање на листата на пласман на „Глобал фајерпауер“ - пишува на порталот.
На сајтот се објаснува дека на крајниот резултат влијаат и информациите за присуството на природни ресурси, членството во воени и економски сојузи, излезот на државите на море, бројноста на населението, квалитетот на инфраструктурата и конекциските врски со соседните држави, заедно со индивидуалната моќ на локалната економија.
Како „Глобал фајерпауер“ ја пресметува воената сила на земјите?
- Рангирањето не се однесува само на количеството вооружување што го имаат земјите туку и на неговата разновидност
- Нуклеарните арсенали не се земени предвид, но се дополнителен аргумент во пресметката
- Географските фактори, логистичката флексибилност, природните ресурси и локалната индустрија влијаат на конечната оцена
- Бројноста на населението придонесува нациите да бидат повисоко рангирани
- Земјите што немаат пристап до море губат поени во рангирањето, бидејќи во својот арсенал оружје немаат морнарица
- Членките на НАТО добиваат бонус од теоретски аспект на делење воени ресурси
- Моменталното воено и цивилно водство на земјата не е земено предвид во пресметките
линк