Маскирната шара привлече илјадници посетители и среди дузина хакери
Посетеноста на сајтот секојдневно се зголемува, а конкретно во март годинава бил посетен 20.090 пати, додека тој број се зголемува повеќе од двојно уште во април, кога сајтот бил посетен 48.590 пати. Најмногу посети има од Швајцарија, САД, Србија, Авганистан, Бугарија, додека во март го посетиле и држави од Јужна Америка, а во април сајтот бил посетен и од Кина. Тој за првпат е промовиран на 30 јули 2013 година пред претседателот на Републиката и врховен командант, Ѓорге Иванов
Осум вести на почетната страница од сите случувања во Армијата наспроти приоритетните една или две од Генералштабот, повеќе содржини, соопштенија со фотографии за актуелните настани и за секоја единица посебно се само дел од новините на новиот веб-сајт
www.arm.mil.mk на Армијата на Република Македонија (АРМ), кој функционира речиси една година.
Во над 200 секции со информации, новина е и началничкиот дневник, на кој се објавуваат пораките на началникот на Генералштабот, архивата за информациите на сите единици, како и историјатот, структурата, началниците на ГШ, чиновите, опремата.
Во само првите 24 часа од официјалното пуштање во функција веб-сајтот на АРМ бил посетен преку 20 илјади пати, а безбедносниот систем, кој е на ниво на системите на НАТО, неутрализирал десетици сајбер напади.
Посетеноста на сајтот секојдневно се зголемува, а конкретно во март годинава бил посетен 20.090 пати, додека тој број се зголемува повеќе од двојно уште во април, кога сајтот бил посетен 48.590 пати.
Најмногу посети има од Швајцарија, САД, Србија, Авганистан, Бугарија, додека во март го посетиле и држави од Јужна Америка, а во април сајтот бил посетен и од Кина.
Веб-сајтот е на англиски и на македонски, а преку пребарувачот Гугл може да се пристапи директно на англиската или на македонската верзија, во зависност од тоа дали се користи кириличното или латинското писмо.
Полковникот и портпарол на АРМ, Мирче Ѓорѓоски, вели дека во изработката на веб-сајтот се воделе од три приоритети.
-Прво е зголемување на транспарентноста на АРМ кон пошироката јавност. Нема да се ограничам на јавноста на РМ, бидејќи сајтот е и на англиски и достапен е за целиот свет. Тоа е најголемата причина, зашто заложбите на ГШ за поголема транспарентност, покрај другите начини на комуникација, можевме да ги покажеме со сопствена веб-страна. Втората причина е целта АРМ да достигне уште еден стандард кој го има поставено НАТО во делот на односите со јавноста и комуникацијата со јавноста или СТРАТКОМ (стратегиц цоммуницатион). Ништо од ова нема да може да функционира без поседување на еден ваков стандард, веб-страница на армијата како институција. Третата причина/приоритет е подобрување и зголемување на обемот на внатрешното информирање на комплетниот состав на АРМ. На овој начин ние правиме Армијата да биде поблиска до обичниот војник и обичниот граѓанин - вели Ѓорѓоски.
Креативноста во изработката се гледа во дизајнот на веб-сајтот, кој во целост е производ на македонската војска, изработен од персоналот на армијата. Имено, боите кои преовладуваат се на новата борбена униформа на АРМ, чија дигитална шара, пак, е на позадината на страницата.
Понатаму, забележителна е бордурата со македонска шара, која, всушност, е дел од дизајнот на новите службени униформи на војската.
-Веб-сајтот е автохтон, а главен носител на целиот тој проект, на неговото осмислување беше Канцеларијата за односи со јавноста, а од технички аспект одделот Ј-6. Тоа се врски, телекомуникации и ИТ-технологии. Тој аспект е многу важен не само за работата и дизајнот на сајтот, туку и за неговата заштита - објаснува Ѓорѓоски.
Новиот веб-сајт е збогатен со содржини поврзани со АРМ и ја зголеми прегледноста, транспарентноста на војската како институција и внатрешното информирање, бидејќи сега има место за информациите за активностите на сите единици на АРМ.
Така, на пример, како што информира полковникот, во Кичево започната е вежбата Брз рис", која е подготвителна вежба на декларирана механизирана пешадиска чета која се подготвува на крајот на месецот да замине на вежбата Брз лав" во Белгија за оценување на баталјонската борбена група на ЕУ.
-Успеавме да пратиме офицер за односи со јавноста со таа чета да испраќа фотографии и соопштенија постојано. Ова е прва вежба за оценување на баталјонската борбена група на ЕУ и ние учествуваме во неа. Тоа е огромна чест, затоа што од сите тие европски земји да изберат една, условно кажано, мала држава значи дека е укажана доверба. Сме оставиле простор за такво нешто, имаме многу аргументи не само на меѓународните мисии, туку и на многу вежби каде што нема пардон, каде што сме покажале дека НАТО-стандардите не само што сме ги усвоиле, туку и ги применуваме - објаснува Ѓорѓоски.
Полковникот информираше дека со новата организациско-информациска структура на АРМ поставени се офицери за односи со јавноста до ниво на бригада.
-Ова е најдобар начин за да дојдеме до граѓаните. Се размислува и за комуникација преку социјалните мрежи. Сепак, сајтот се уште е бебе, иако постигнавме многу и војнички кажано, достигнавме оперативна способност. Ќе ги разгледаме аргументите и ќе видиме дали ќе одиме со таков начин на комуникација - објаснува Ѓорѓески.
Веб-сајтот во најголема мера е плод на креацијата исклучиво на персоналот на АРМ, но сепак, се разгледувале сајтовите на најмодерните војски како на САД, Велика Британија, војската на Јапонија и на државите-членки на НАТО.
Тој за првпат е промовиран на 30 јули 2013 година пред претседателот на Републиката и врховен командант, Ѓорге Иванов.
Од државните во регионот армиски веб-сајтови имаат Албанија, Бугарија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска, а нивото на содржини на англиски јазик на сајтовите на овие држави е далеку под македонското.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=BC2A664B5B1A444096D66D2A4A182B0A