Одамна вака не сум се изнасмеал..најпрво бев шокиран..
Со победата над Металург, Вардар ја завери титулата првак на Македонија . Навивачката група Комити најави големо славје. Агендата, според сајтот на Комити, предвидуваше да се формира караван, кој би тргнал од последна 5-ка во Ново Лисиче и сите со коли, веспи, велосипеди, да го обиколат Скопје и да направат Комитски вечерен земјотрес, кој ќе финишира со журка во Школка – Градски парк. Нашиот пара репортер го покриваше настанот и еве што пишува во неговите белешки.
Имено, само што почнала прославата на која почетно беседел Гиш, од далечината се чула како ечи химната на Комитите од Цеки: Вардар шампион закон е на стадион!♪ Одеднаш штама. Погледите на сите се свртиле кон неколку илјадната толпа што ја пеела химната и одлучно се приближувала придружувана со зурли и тапани, транспаренти и знамиња од етничка Албанија и Македонија исповрзани едно до друго.
На чело од толпата биле Шкљзен и Арлинд – водачите на Балистите, кои видно расположени мавтале со македонското знаме и им лепеле евра на свирачите. Како што се приближувале до Школка, Балистите формирале оро. Можеше да се препознае кореографијата од Пајдушко оро, која мора да се признае Балистите добро ја извежбале. Така, со оро се измешале со бројните Комити, кои видно изненадени се фатиле на орото и заедно продолжиле да играат и да си честитаат едни на други. На неколку метри од вијното оро била собрана навивачката група Војводи кои биле гости поканети од Комитите и нешто дискутирале. По кратко време и тие се фатиле на орото и водачот на Војводи се изгушкал со Шкљзен на многу срдечен начин, што на шега било дофрлено да не се претерува многу, зашто едно по друго може којзнае како да заврши. Адреналин, прегратки, бодрења и сè тоа залиено со густи сокови од Виножито Спектар кој бил покровител на журката, собирот финиширал со еуфорично пеење на познатите песни, но сега со поинаква реторика. Комитите и Војводите пееле:
За ал-бан-ци, локум-баклави, локим-баклави, локум-баклави… ♪,
Балистите возвратиле со: Ма-ке-дон-ско девојче, китка шарена…♪, за потоа, заедно да пеат: Излези момче на Скендерова тераса и поздрави ја Гоцевата раса…♪
Ечела песната од Школка до Вардара река, а толпата братски навивачки групи, спонтано се упатила кон Плоштадот. Некаде кај Старата скопска чаршија, им се придружиле Унијата на млади сили во прегратка со Социјал демократската младина, а нешто подалеку во сличен љубовен занес и младите од ДУИ и ДПА. По пат им се придружиле и Распеани скопјани. Нашиот пара репортер не можел да ги задржи солзите, кои непрестајно навирале од неговите очи, па во неможност да се воздржи од радоста, во транс пробал да се обеси на скелето од новиот грандиозен споменик Воин. Очевидецот кој ни ги испрати белешките од пара репортерот, вели дека пара репортерот не успеал во намерата, бил спречен од братските навивачи, кои го качиле на рамења, му дале тетрапак и го претопиле во еуфоријата. Прославата продолжила до раните утрински часови.
Пара пост