8 Март во полна боева опремаИрена Спироска веќе пет години е дел од специјалната полициска единица ЕБР, која учествува рамо до рамо со своите колеги во сите ризични акции
Даниела Трпческа
Антитраума елек, штитници за рацете и нозете, шлем, како и вид пендрек наречен тонфа, се само дел од специјалната опрема која младата Ирена Спироска, припадничка на Единицата за брзо распоредување на МВР речиси секојдневно ја носи како дел од работната „униформа“ при заминување на терен. Шлемот и е оштетен од удар со камен, при некој од протестите и инциденти кои се случија во земјава. Со гломазниот заштитен елек, кој личи на оклоп, и е отежнато движењето, но и покрај тоа што опремата и тежи неколку килограми, таа гордо ја носи речиси секој ден кога заминува во извршување на работните задачи.
Иако станува збор за едни од најистурените и најризичните специјални единици во МВР, сепак бројот на припаднички на женскиот пол кои одлучуваат високите потпетици да ги заменат со „цокули“ секоја година се зголемува. Нивната бројка е веќе дваесетина. Иако дел од нив работат во администрацијата, десетина жени се дел од борбените тимови на „ебрите“ и рамо до рамо со колегите учествуваат во најтешки полициски акции.
„Некогаш жените се физички поспремни, го повисок праг на толеранција и поголема самоконтрола. Тие во многу ситуации се покажале дека се храбри, но и дека имаат големо срце“. Со овие зборови припадничката на специјалците Ирена Спирова не' пречекува во касарната во скопската населба Ѓорче Петров, каде што е лоцирана оваа единица.
За популарните „желки“, кои се нарекуваат така поради опремата што ја носат, најчесто нема ниту работно време, ниту слободни викенди и празници. Работата им е непредвидлива, честопати на работ на ризик и опасност, а место пенкало и молив во рацете носат пиштоли и пендреци, во случај на масовни протести и нереди на улиците.
Ирена како лидер на тимот заедно со уште десетина нејзини колешки, учествувала на речиси сите протести, спортски настани, нереди, апсења, но и приведувања на поголемите групи мигранти од Блискиот Исток, кои изминатиов период илегално преку грчко-македонската граница доаѓаат во земјава. Таа веќе 13 години е во полицијата. По осум години работа во полициска станица, одлучила да стане дел од ЕБР. „Пресудно за оваа моја одлука беше предизвикот да бидам дел од специјалците. Сакав да си докажам и на себе, но и на другите дека можам да се справам со оваа тешка професија и рамноправно со колегите да учествувам во сите акции“, вели Ирена.
Бидејќи често се соочуваат и со ситуации кои носат ризик за нивниот живот, сите припаднички на понежниот пол одлично владеат со боречките вештини. Боксот, џудото и каратето се речиси дел од секојдневната обука која ја имаат „ебрите“.
Да се биде жена во полиција не е лесно, но желбата да се има битна улога во креирањето на мирот и безбедноста, за повеќето од нив е приоритет кој натежнал на вагата – дали да се посветат целосно на домот на семејството или пак да се изборат за свое место во „светот на мажите“.
„Не се каам што одлучив да станам дел од специјалните полициски единици. Повеќето мои колешки кои се дел од ЕБР се доказ дека може да се постигне се кога се сака - да се биде успешна и на работното место, но и да се биде грижлива мајка и сопруга“, вели Спирова.
Опасноста не ја плаши. Напротив вели дека е подготвена да се справи со секој предизвик. Иако често се соочувала со ризични ситуации при масовни протести и улични нереди, каде што биле гаѓани од толпата со бекатон-плочки, шишиња и камења, сепак во тој момент вели дека воопшто не ја обземал страв. „Во таква ситуација, пред се', гледаш да се заштитиш себеси и колегите кои се околу тебе, бидејќи ние функционираме како тим. Но, секогаш се грижиме и за безбедноста на другите луѓе на кои им е потребна заштита и чиј живот се наоѓа во опасност“, вели нашата соговорничка.
http://utrinski.mk/default.asp?ItemID=9D6F4A40E33D6043A2BFC4BBF843F6D9