16.01.2015, 18:57
„ЗАМРЗНАТИТЕ“ ЌЕЛИИ ОПАСНИ И ЗА МАКЕДОНИЈА
Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска предупредува дека „мора да бидеме будни и претпазливи“
Горан Адамовски
Европа ја демнат 180 џихадисти подготвени во секој момент да извршат терористички напади. Обучени во 20 терористички ќелии, први на удар ќе им бидат Франција, Велика Британија, Германија, Белгија и Холандија, но и средноевропските земји не треба да спијат мирно.
Ваквите застрашувачки информации на разузнавачките служби во САД и во ЕУ, го подигнаа степенот на безбедност во поголемиот дел европски земји. Настаните будно се следат и на Балканот, чии земји не се имуни на терористичките напади од таканаречената Исламска држава. Македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска предупредува дека „мораме да бидеме будни и претпазливи“.
„Терористичките напади во Париз, покажаа дека ниедна земја, без разлика на големината, традицијата или опременоста на безбедносните сили, не може да смета дека е имуна на овие закани. Напротив, радикалните движења претставуваат глобална закана и за да ги заштитиме нашите граѓани, мора да бидеме постојано претпазливи и будни, и да го вложиме сопствениот максимум, да направиме се' што е во наша моќ таквите сцени да не се повторат“, рече вчера Јанкулоска при промоцијата на новите полициски службеници.
ЗАКАНИ
„Европските служби за безбедност изминативе недели добија сериозни знаци дека екстремичките групи на ИСИС веројатно добиле директива од водството во Сирија и во Ирак да удрат по Европа за да ги неутрализираат нападите во нивната земја“, коментираат аналитичарите за тероризам.
По минатонеделните крвави напади во Париз, кога настрадаа 17 лица, меѓу кои и речиси целата редакција на неделникот „Шарли ебдо“, вниманието се пренасочи во белгиското гратче Вервиерс, каде што беа убиени двајца потенцијални терористи, а третиот беше ранет во стомакот. Полицијата соопшти дека станува збор за повратници од Сирија, кои што планирале напад врз полициска станица. Истрагата почнала пред неколку недели, а сите осомничени поседуваат белгиско државјанство.
„Можеме да кажеме дека спречивме втор Париз“, тврдат белгиските власти, кои го подигнаа степенот за безбедност на три на скалата до четири.
Разузнавачките служби стравуваат дека дека дошло до соработка на двете терористички организации ИСИС и Ал Каеда, што досега не се случило никогаш. Ваквите индиции се базираат врз постојаната координација на браќата Куаши, кои го изведоа нападот во „Шарли ебдо“, а кои се поврзуваат со Ал Каеда, и Амеди Кулибали, терористот кој убиваше во супермаркетот „Кошер“, а кој е регистриран како припадник на ИСИС.
„ИСИС и Ал Каеда се ривали во Сирија, така што не верувам дека нивните лидери соработуваат, но во Европа, можно е луѓето со слични афинитети да делуваат заедно“, објаснуваат европските аналитичари.
Разузнавачките информации говорат дека повеќе од три илјади Европјани заминале за Сирија во последните години. Од нив, 250 се вратиле во Велика Британија, 200 во Франција, а 70 во Белгија и тие се темпирана бомба, која што може да експлодира во секој момент.
ОДЗЕМАЊЕ ПАСОШИ
Една од мерките за спречување на терористичкиот бран што планира да ја покрене ЕУ е одземање на европските пасоши на странските борци што учествувале или учествуваат во борбите за ИСИС. Од Европската комисија велат дека кога ќе биде донесена ваква одлука, таа ќе мора да се стави во шенгенскиот информациски систем на Унијата за да бидат информирани сите 28 земји-членки. ЕК е во постојан контакт со белгиската полиција и тамошните власти и засега нема информации за загрозеност на институциите на Унијата, но, за секој случај, зголемено е нивото на безбедност на „жолто“ и се воведени дополнителни безбедносни мерки за контрола на влезот на зградите со зголемена бројка на чуварите на безбедноста.
„ЗАМРЗНАТИ“ ЌЕЛИИ
„Тројките“, „петките“ и „седумките“ се најголемата опасност за европските земји. Станува збор за „замрзнати“ терористички ќелии, луѓе што се меѓу нас, што не отскокнуваат со своето донесување, а кои всушност се обучени да извршат напади кога за тоа ќе добијат директива, предупредува професорот за безбедност, Злате Димовски. Тој посочува дека ниту една држава не може да биде имуна на терористички напади, па така ниту Македонија, но, сепак, се оградува дека проценка околу безбедносната состојба може да дадат единствено државните служби, а останатите можат да говорат само според тоа што го чувствуваат и гледаат.
„Тероризмот не само што слабее, туку се' повеќе ги покажува своите заби. Во Европа е подигнат степенот на безбедност, но во ситуација кога имаме огромен технолошки развој и можност за брза размена на информации, никој не може со сигурност да каже дека состојбата е под контрола“, вели професорот за „Утрински весник“.
Според него, клучот на мирот е во рацете на разузнавачките служби, тие се на браникот, тие мораат да ги следат сите лица што се потенцијална опасност без оглед дали (не) биле на воените жаришта на Блискиот исток.
Заканата пред се' доаѓа од „замрзнатите“ ќелии, за кои никој не може да каже дали ги има или ги нема, тие не се воена структура, имаат вообичаени вработувања и се насекаде околу нас.
„Зборуваме за ’тројки‘, ’петки‘ и ’седмици‘, затоа што групите функционираат по толку луѓе. Тие се обучени, подготвени да се активираат кога најмалку се очекува. Според начинот на работа, најпрво го снимаат теренот, ги набљудуваат лицата, градат логистичка поддршка и штом завршат со сите подготовки - го извршуваат нападот. Се формираат во помал број за да можат да бидат пофлексибилни, подинамични, многу лесно комуницираат меѓу себе. Организирани се беспрекорно, контактираат само со еден од повискоите кругови, кој, пак, не ги знае тие што се над него. Комуникацијата им се одвива во шифри, користат псевдоними или прекари, како и ‘шатровачки‘ говор, па дури и ако се следени од службите, тешко можат да бидат препознаени“, објаснува Димовски.
БЕЗБЕДНОСТ
Иако прв впечаток е дека ИСИС им се одмаздува на земјите чии сили учествуваат во воздушните напади врз нивната територија, на штрек се и останатите држави. Во регионот, степенот на безбедност единствено е подигнат во Босна и Херцеговина, пред се' поради големиот број нејзини државјани кои заминаа да се борат на Блискиот исток. Воените аналитичари предупредуваат дека иако станува збор за стандардна процедура што ја применуваат државите, информациите за зголемена безбедност не се објавуваат гласно, бидејќи тоа би значел признание за промена на редовната состојба и дестабилизирање на поредокот.
http://www.utrinski.mk/?ItemID=480B061784874D4683E17E82C634B586