АРМ и САД ќе обучуваат војници во Сенегал?АРМ и Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт ќе ја обучуваат војската на Сенегал.
Иницијативата на Националната гарда, која од 1994 година е партнер на АРМ, била дел од разговорите на нејзиниот командант, генерал-мајор Стивен Креј, со македонскиот воен врв при посетата на Скопје минатата недела. Креј најавува нова стратегија во соработката со АРМ, која „ќе ја подигне на сосема ново ниво“, пишува „Дневник“.
„Имам визија заедничките интереси да ги вградиме во проекти со Сенегал, втората партнерска нација на Вермонт. Планираме трилатерален настан, за да утврдиме како Сенегал и Македонија ќе работат заедно, и кој ќе отвори многу интересни можности“, рекол Креј по враќањето во САД.
И македонското Министерство за одбрана потврди дека трилатералната соработка во областа на одбраната на Република Македонија, Вермонт и Сенегал била една од темите за кои се разговарало со делегацијата на Националната гарда, но не даде други информации за проектот. АРМ и гардата на Вермонт договарале и заедничко учество во мировни мисии и понатамошна соработка во обуки и образование.
Американците ги утврдуваат областите во кои со АРМ би можеле да соработуваат со Сенегал. Според воени извори, најверојатниот модел за соработка е АРМ и Националната гарда на Вермонт заеднички да ја обучуваат војската на Сенегал, кој побарал помош во обука на сили за мировни мисии.
„Има многу проблеми на африканскиот континент, а Сенегал има многу активна улога во мировните мисии, и побара да им помогнеме во подготовки за мировната мисија. Сметаме дека Македонците ќе придонесат многу за сенегалската војска. Сенегал е убаво место, но е многу различно од Вермонт и од Македонија. Сметаме дека интеракцијата ќе биде од корист за сите“, смета поранешниот командант на Навионалната гарда на Вермонт, генерал-полковник Мајкл Дуби, сега командант на Северната команда на САД.
Дуби во 2009 година дојде во Скопје за лично од врховниот командант да побара дозвола македонски војници да им се придружат на гардистите од Вермонт во мисија во Авганистан, задоволен од нивото на професионалност на АРМ, прва армија со која Вермонт ја почна Програмата за партнерство. Во март следната година почна деветмесечната Операција „Феникс“, во која учествуваа наменски сили од Националната гарда и 79 припадници на Полкот за специјални операции и Воената полиција на АРМ. По мисијата, македонските војници добија вкупно 232 воени одликувања од гардистите. Примарната цел на мисијата беше обука и менторирање на авганистанската армија, а македонските и американските тимови инструктори ги менторираа авганистанските единици и во борбени операции.
Македонија и Вермонт од 1994 година имаат Програма за партнерство, а досега повеќе од 3.000 македонски војници учествувале во повеќе од 800 заеднички активности.
Соработката на Вермонт со Сенегал почнува со Програма за партнерство во 2009 година. За годинава, можноста за соработка со АРМ е разгледувана при последната посета на Креј на Дакар во април. Целта на посетата била да се утврдат потребите за помош во областа на кризниот менаџмент, пребарување и спасување, образование и обука за подофицери и поддршка за семејства на војници распоредени во мисии и да се иницира трилатерална соработка. Меѓу областите за соработка е и воена поддршка на цивилните власти во одговор на кризни ситуации и несреќи.
САД имаат неколку проекти со Сенегал. Медицински тимови на военото воздухопловство му даваат медицинска помош на населението и обука на сенегалските воени лекари. Маринските сили на Африка имаат свој проект за обука на сенегалските сили и вршат обука со сенегалски специјални единици.
Сенегал се истакнува како една од ретките земји во Африка во која никогаш не бил извршен воен удар и наметнат автократски режим, но во јужниот дел на земјата уште од 1982 година тлее конфликт со низок интензитет меѓу христијанското и анимистичкото малцинство и владините сили на доминантно муслиманската земја. Минатата година новоизбраниот претседател најави „напредна децентрализација“. која треба да го заврши конфликтот.
Земјата има околу 19.000 војници, кои се сметаат за добро обучени и опремени. Најголемата поддршка во обука и опремување ја добива од Франција и од САД и, во помал обем, од Германија.
Сенегал, кој е член на Африканската Унија, има долга традиција на учество во мировни операции во Африка - во Конго, Сиера Леоне, Гвинеја Бисао, Централноафриканска Република, Руанда, Либерија, Гамбија, а во јануари испрати сили и за африканската поддршка на француската операција против бунтовниците во Мали. Сенегал бил и медијатор помеѓу Судан и Чад за разрешување на конфликтот во Дарфур.
http://tocka.com.mk/1/105855/arm-i-sad-ke-obucuvaat-vojnici-vo-senegal