Во деновите кога Армијата на Република Македонија го слави својот седумнаесетти роденден, како министер за одбрана, со задоволство сакам да Ве информирам за новото, современо списание на Министерството за одбрана.
Изминатиов период, заедно со издавачкиот одбор, со редакцијата, како и со познавачи од оваа област ангажирано работевме на новиот изглед и на новата содржина на новото списание, за да денес веќе го имаме првиот број од магазинот Штит.
Станува збор за списание кое е концепциски поразлично од досегашните изданија на “Армиски збор” и “Одбрана”, кои со своите 162, односно 153 броја, достојно и целосно ја извршија својата мисија. Овие две списанија оставија траен белег во македонското воено новинарство и заслужeно заминаа во пензија.
Основна задача на Штит е да ги промовира и да ги доближи професионалните вредности на нашата армија, значењето на нашите оружени сили, кодексите на воената должност, како и да информира за најважните случувања во областа на современата македонска и светска одбрана.
Целта на списанието е:
да ја продолжи воспоставената традиција,
да ги рационализира расположливите ресурси,
подобро да се приспособи кон духот на времето што доаѓа
и да биде подостапен до читателите, поради што ќе биде и дистрибуиран до продажните места во секој град.
Магазинот Штит ќе биде и еден важен дел од една поширока и конзистентна интегрирана комуникација, која ќе има за цел да го доизгради дигнитетот на професијата војник за чиј статус мора сите ние заеднички да се грижиме.
Иако концепциски видоизменет, содржински “Штит” ќе продолжи да ја информира јавноста за достигнатиот степен на евроатлантската интеграција на Република Македонија, за армиското секојдневие, за животот и работата на единиците на АРМ и за достигнатиот степен на трансформација на АРМ според стандардите на НАТО. Истовремено, покрај останатото, “Штит” ќе нуди и содржини достапни и подеднакво интересни како за повозрасната така и за помладата популација, или едноставно кажано “Штит” ќе биде хроничар и регистратор на настаните.
Искрено се надевам дека Штит ги исполнува предвидените цели, но сепак за нас најважни ќе бидат токму коментарите на читателите како и познавачите на оваа област.
http://www.morm.gov.mk/morm/mk/Ministry.html