Почетна
Почетна
Почетна
Would you like to react to this message? Create an account in a few clicks or log in to continue.



 
HomeРегистрирајте сеВлезfacebookОдбрана Форум YouTubeinstagramОдбрана Форум-Аndroid app

 

 30-Години АРМ

Go down 
4 posters
Отиди на страна : 1, 2, 3, 4  Next
АвторПорака
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:40

Пишува генерал Павле Арсовски,списание Штит

30-годишен јубилеј од формирањето на Македонсата одбрана и Армија
Од идеја до изградба на систем на национална одбрана

Во годинава кога одбележуваме 30-годишен јубилеј од формирањето на македонската одбрана и Армијата достојно е да се потсетиме на почетоците, на никулците на македонскиот одбранбен систем. Всушност,осамостојувањето на Република Македонија (РМ) во 1991 година не ќе беше целосно завршено, доколку македонското државно раководство не направи одлучни чекори во насока на градење одбранбен систем за заштита на суверенитетот и интегритетот на територијата и населението со сопствени вооружени сили. Оттаму, изградбата на системот на национална одбрана и формирањето на македонски вооружени сили како Армија на Република Македонија (АРМ) во 1992 година, како еден од најважните атрибути на државноста, претставуваше заокружување на процесот на осамостојување на државата.

Изминатите три децении од формирањето на Армијата од историски аспект во светлото на триесетгодишниот јублеј од нејзиното формирањеи градењето на независен македонски одбранбен систем, заслужуваат особено внимание.
Првичните напори на државата беа самостојно да го гради сопствениот систем за одбрана и одбранбена стратегија, а Армијата да се доградува, да се опремува и да се обучува за да може да одговори на сите видови закани и загрозувања на безбедноста и територијалниот интегритет на државата.

Во овој и во наредните изданија на магазинот „Штит“ ќе се потсетиме на сложеноста, динамичноста и специфичноста на условите во кои се поставуваа темелите на македонската одбрана и Армијата, на нејзиниот развој и изградбата на одбранбено- безбедносниот систем,нејзината улога во конфликтот во 2001 година, како и нејзиниот огромен придонес во напорите на државата во процесот за евроатлантските интеграции.

Нашата држава уште од самиот почеток својата одбранбена стратегија ја засноваше и ја насочуваше кон евроатлантските политичко-безбедносни интеграции, со јасна намера за нејзино целосно вклучување во ЕУ и во НАТО, во ОН, во ОБСЕ и во други меѓународни организации. Тоа беа основите врз кои се темелеше желбата на државата и на нејзината армија за полноправно членство во Алијансата, на што во изминативе години се работеше интензивно на неколку полиња. Градејќи го сопствениот одбранбен систем, државата воспостави целосна цивилна контрола врз вооружените сили, трансформациите на Армијата и принципите на раководење и командување се спроведуваа според стандардите на НАТО, а обуката и школувањето на офицерите се изведуваат според критериумите на НАТО.

На меѓународен план со своето континуирано учество во мировните операции и операции за подршка и стабилизација, предводени од Северноатлантската договорна организација (НАТО), Европската Унија (ЕУ), Обединетите нации (ОН) и сојузничките држави, Армијата во изминатите три децении на најдобар можен начин ја поддржуваше надворешната политика и со тоа всушност ги остваруваше и националните интереси на државата. Во изградбата на Армијата и нејзиното приспособување на современите текови посебно место и улога имаше и присуството на меѓународните вооружени сили на македонската територија, речиси во целиот изминат 30-годишен период.

Оттаму, меѓународната димензија на политиките за одбрана стана интегрален дел од општата меѓународна политика на државата.Со етаблирањето на РМ како независна, самостојна и суверена држава, политиката на одбраната на државата се градеше врз јасни национални принципи и со чувство за регионална и меѓународна одговорност.

Почетна нормативно-правна регулатива за одбранбено осамостојување

Историското, културно и духовно наследство на македонскиот народ и неговата многувековна борба за национална слобода и за создавање на сопствена држава,како и историскиот факт дека РМ е национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на Македонците со Албанците, Турците, Власите,Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, се констатации вградени во Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија изгласана во Собранието на 25 јануари 1991 година.

Истата година, на Референду одржан на 8 септември, граѓаните јасно ја искажаа својата волја РМ да се конституира како суверена,самостојна, граѓанска и демократска држава. Сепак, суштински најважна правна основа за формирање на сопствени вооружени сили е членот 51 од Повелбата на Организацијата на ОН, според кој на секоја суверена држава ѝ се признава правото да организира сопствена одбрана. Врз основа на претходно споменатата Декларација за сувереност, на 17 ноември 1991 година, Собранието го усвојува Уставот на Република Македонија, според кој Република Македонија е суверена, самостојна,демократска и социјална држава, а одбраната на државата се организира со сопствени вооружени сили.

Според Уставот, вооружените сили го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Тоа за државата значеше не само право и основа за организирање на своја одбрана,туку и меѓународен легитимитет за формирање на сопствен одбранбен систем. Уставот на РМ ја дефинира одбраната на земјата во посебно поглавје, а во членот 122 се прецизира: „Вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката”.

Од идејата за организирање на самостојна одбрана произлегоа повеќе прашања за кои требаше да се најдат соодветни одговори, бидејќи секоја крупна грешка во тие несигурни и турбулентни времиња, можеше да има несогледиви последици по безбедноста на државата. Еден од најгорливите предизвици кој требаше да се разреши беше изнаоѓање начин за заминувањето на Југословенската народна армија (ЈНА). ЈНА во тоа време сè уште беше распоредена на територијата на РМ со значителен број на војници, вооружување и техника, а нејзината дислокација и напуштање на РМ требаше да се спроведе по можност на мирен начин, без предизвикување на провокации или судир кои би имале трагични последици по граѓаните и имотот на РМ. Паралелно со тоа, се работеше на изнаоѓање на модел на одбрана на државата, создавање на правна основа на одбраната, преземање контрола за обезбедувањето на државната граница, создавање на вооружените сили и, конечно, воспоставување на меѓународна соработка во областа на одбраната како нужна претпоставка за зачувување на мирот на југот на Балканот, кој веќе беше зафатен со граѓански војни.

Според Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата политичка Влада на РМ, креирањето на политиката на одбраната се одвиваше во три фази: одбранбено осамостојување на државата, кое траеше до мај 1992 година, потоа дефинирање на националната безбедносна и одбранбена политика и почетното структуирање на одбранбено-заштитен систем кое траеше до 1995 година и заклучно институционализација на политиката на националната безбедност и на системот на национална одбрана, интензивирање на мерките за асоцирање во колективните системи за безбедност и НАТО, како крајна цел на нашата национална одбранбена политика.

Избор на модел за македонската одбрана.

Поаѓајќи од легитимните безбедносни аспекти, системот на нашата одбрана се темелеше врз принципите на вооружена борба со ангажирање на сите ресурси со кои располага државата и директна заштита и гаранции на нашите безбедносни интереси во рамките на НАТО. Во таа насока, Уставот на РМ ги даде и основните претпоставки за организирање на одбраната, но исто така отвори можност да започне процес за изработка и донесување на Закон за одбрана и формирање на АРМ како легитимна и регуларна вооружена сила на РМ, што дотогаш не беше можно.

Во натамошните одредби Уставот посочува дека „Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”. Притоа, во Законот за одбрана беше потребно да се изврши операционализација на уставните одредби. Па, така, веднаш по донесувањето на Уставот, како прво и исклучително важно се наметна прашањето за утврдување на моделот на одбрана. Во опција беа повеќе пристапи дефинирани од различни засегнати групи со различни појдовни основи и различни сознанија.Прва група промотори на идниот модел на одбрана на државата беа македонски старешини со повисоки чинови на служба во ЈНА, заедно со оние кои веќе беа вратени.

Во другата група беа активните и резервни старешини од редовите на македонската Територијална одбрана (ТО), додека третата група ја сочинуваа претставници на цивилните структури и политички партии кои по различни основи се сметаа за компетентни во поглед на прашањето за моделот на одбраната на државата. Во тој процес, важни беа и се следеа насоките од претседателот на државата,Собранието, Владата, Советот за безбедност, потоа искуствата од повеќе земји (Австрија, Швајцарија,Германија, Русија, Бугарија, Турција итн.), Институтот за одбрана и други. Целта на сите инволвирани беше да се формира модел кој ќе биде ефикасен, респектиран и со исклучиво одбранбен карактер. После низа консултации и полемики, беше избран моделот на одбрана на државата со кој се предвидува одбранбениот систем да се потпира врз три столба: вооружените сили, цивилната одбрана и колективните системи за безбедност и одбрана.

Првиот Закон за одбрана

Првиот Закон за одбрана од 1992 година се темелеше врз принципите на граѓанско општество, а според начинот на нормирање е јасен,краток и прецизен. И самите автори вклучени во изработката, признаваат дека некои решенија можеле да се осмислат и подобро, како на пример,дека идејата за цивилната заштита можеби концепциски требала да се уреди по принципот Швајцарија,Австрија, Данска... Меѓутоа, заради временскиот теснец и турбулентните услови во периодот на изработка на Законот, оваа проблематика останала да се доразработи и прецизира во наредните години.

Она што заслужува да се истакне е дека и во текот на изработката на самиот текст на Законот за одбрана имало спротивставени ставови меѓу две струи. Имено, високи раководители на тогашната ТО инсистирале во Законот прецизно и експлицитно да биде наведено дека вооружените сили на РМ се формираат врз темелите на македонската ТО. Втората струја доаѓала од старешините на тогашната ЈНА кои барале носење посебни закони кои се однесуваат на Армијата и офицерскиот кор, како и посебен Закон за вооружените сили. Но, тоа не соодветствувало со демократскиот и граѓански коцепт на државата.

Во една прилика, група воени старешини дури понудиле и готов текст на Закон за одбрана, изработен според видувањата, интересите и барањата на офицерскиот кор на Армијата, но истиот бил категорично одбиен од страна на МО. Двете претходно спомнати струи составени од старешини вратени од тогашната ЈНА и старешини од македонската ТО на интерен план во рамките на новоформираните вооружени сили, ги продолжиле антагонизмот и исклучивоста, меѓу другото и при поставувањето на персонал на клучни должности во АРМ. Кулминацијата се случила кога се одлучувало за најпрестижната должност, началник на Генералштабот на Армијата,конфликт кој бил разрешен со директна интервенција на тогашниот претседател Киро Глигоров и според Законот за одбрана, врховен командант на вооружените сили. За прв началник на ГШ и лидер на новата АРМ беше одреден генералот Митре Арсовски, дотогашен началник на Штабот на Третата воена област на ЈНА.

Д-р Павле Арсоски, генерал-мајор

https://www.mod.gov.mk/storage/2022/03/Shtit-149.pdf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:41

30-Години АРМ QG8CZQZ
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:46

30-годишен јубилеј од формирањето на Македонсата одбрана и Армија
Од идеја до изградба на систем на национална одбрана (2)


Продлабочувањето на јазот меѓу ЈНА и македонското политичко раководство

Летото и есента 1991 година, расположението кај македонските граѓани во врска со разјаснувањето на статусот на ЈНА се движеше од еуфорија за можно повлекување од територијата на РМ, преку загриженост и неизвесност за безбедноста на државата од можен вакуум во обезбедувањето на државната граница, па сe до незадоволството поради претпоставката дека ЈНА ќе извлече од државата огромни количества на воена техника и оружје. Таа тензична атмосфера многу пластично ја објаснува првиот началник на ГШ на АРМ, генералот Митре Арсовски, преку еден несекојдневен настан, кога група велешани низ прозорец на Домот на ЈНА во тогашен Титов Велес, уфрлиле непозната експлозивна направа.

Експлозијата поминала без последици, но предизвикала сериозен психолошки ефект кај припадниците на ЈНА, еднаков на шок. Било јасно дека ЈНА, за прв пат од нејзиното формирање, не е добредојдена на територијата на РМ и дека македонските граѓани не ја чувствуваат повеќе како своја, туку како странска војска. Реакцијата на овој настан кај раководството на ЈНА било кревање на борбената готовност на сите команди и единици во 3. воена област. Колку сериозно ЈНА го примила овој настан, докажува и средбата на барање на командантот на 3. воена област, генералот Милутин Кукањац со претседателот Киро Глигоров, на која македонскиот претседател побарал македонските војници и старешини да не се испраќаат на фронтовите во Југославија, туку да се задржат на служба на територија на РМ. Оттогаш, јазот во односите меѓу ЈНА и македонското политичкото раководство започнал да се продлабочува. Барањето на Глигоров не било испочитувано, па македонските војници и натаму биле испраќани и тие гинеа на кризните жаришта во Граѓанската војна во Југославија. Резервисти од РМ и понатаму се мобилизираа, регрутацијата на македонската младина продолжуваше, и сето тоа ја вжештуваше ситуацијата во државата.

Тогашното Претседателство на СФРЈ и Сојузниот секретаријат за народна одбрана (ССНО) наредува формирање на нови воени окрузи во СФРЈ, со цел конретно во РМ да се формира еден воен округ со седиште во Скопје, како паралелен систем со кој ЈНА очекувала да го подобри процентот на отповикани регрути и резервисти. Повеќето Републики ја одбиле оваа одлука, пред се Словенија, а делумно и Хрватска и Босна и Херцеговина. Во месеците на најжестоките борби за Вуковар во Хрватска, есента 1991 година, кога ЈНА продложила со испраќање на македонски регрути во кризните жаришта, Владата на РМ се решила на еден радикален и високоризичен чекор кој имал цел да ја спречи ЈНА да продолжи со тие постапки. МВР, во соработка со општинските подрачни единици на Секретаријатот за одбрана, брзо и тајно во текот на една ноќ, на сила ја одзело целокупната воена евиденција на македонскиот регрутен и резервен состав на ЈНА и ја засолни на сигурно место. По овој неочекуван и храбар потег на македонските власти, Командата на 3.воена област и ГШ на ЈНА биле во целосен шок. Можело да се очекува излегување на ЈНА од касарните и заострување на состојбата.

Командантот на 3.воена област се обидел да направи притисок врз македонските власти и побарал засилена воена поддршка од Белград. Наредил подготовка на оклопната бригада од Скопје, на Авиобригадата од Петровец и барал и да се препотчини на Специјалната падобранска бригада од Ниш. Сепак, по внатрешните консултации во Командата, генералот Кукањац побарал средба со претседателот Глигоров, на која било заклучено дека треба да се разговара на највисоко политичко ниво и дека оружјето не смее да се употребува. Со акцијата на Владата на РМ за одземање на воената евиденција, на ЈНА повеќе не ѝ било лесно да ги регрутира македонските граѓани за да ги испраќа на боиштата во Хрватска. Подоцна, со формирањето на македонската армија, таа регрутна документација им била од корист на подрачните единици за одбрана за подготовка на првата генерација регрути.

Распламтување на вербалната војна

Во октомври 1991 г. југословенското Претседателство, во улога на Врховна команда, донело акт со кој прогласува постоење на „непосредна воена опасност“ во СФРЈ, со што практично Претседателството прогласува и воена состојба во државата. Овој чин го отфрлиле повеќето политички лидери во републиките на СФРЈ кои се бореле за независност, меѓу кои и РМ. На тој начин било суспендирано Сојузното собрание на СФРЈ и била донесена одлука за делумна мобилизација на одредени единици на ЈНА, со цел нивно упатување во разгорените борбени подрачја во Хрватска. Во овој период се распламтувала вербалната војна меѓу македонските политички авторитети и ЈНА. Ценејќи ја ситуацијата, Владата на РМ донела неколку државнички одлуки од далекусежно значење. Најпрво упатила апел до граѓаните на РМ да не се одзиваат на поканите за регрутирање и мобилизација во ЈНА, потоа донела одлука врзана за осамостојување на РМ во сите области на општествениот живот. Исто така, побарала отпочнување на разговори со претставниците на ЈНА за нејзиниот статус во државата и итна средба со ССНО и со генералот Вељко Кадијевиќ.

Премиерот Никола Кљусев во една прилика изјавил дека и РМ учествувала во опремувањето на ЈНА и дека нема се дозволи сето тоа да исчезне, односно да биде однесено од територијата на државата. Со други зборови, се барало оружјето и опремата на ЈНА распоредена во РМ, по примерот со Словенија и делумно во Хрватска,опремата да остане во државата. Ова беше период кога тензиите се зголемуваа секојдневно. Иако беше побарано да не се врши дислокација, сепак ЈНА започнала со преместување на воената опрема од РМ, под изговор дека истата се носи на ремонт, на ревизија или се изнаоѓале други изговори. На перфиден начин започнало празнењето на воените магацини пред да се донесе каква било одлука за статусот на ЈНА во РМ. Долги колони на товарни моторни возила и железнички композиции, полни со воена опрема и оружје, деноноќно ја напуштале РМ во правец кон север. Истовремено, по наредба на ССНО, Командата на 3. воена област не им дозволувала на македонските штабови на ТО да пристапат до магацините каде се чувало републичкото оружје и техника.

Всушност, на македонската ТО не и се дозволувал пристап до сопствените магацини, а за споредба, во исто време ЈНА, напуштајќи ја дефинитивно Словенија на 27 октомври 1991 година, остави зад себе големо количество скапа воена опрема и големи количини на оружје. Во овој период планското празнење на воените магацини продолжуваше. На север кон Србија биле пренесени дури и радарите од Голак кај Делчево, од Битола, како и целокупната прислушна опрема од Фурка кај Дојран и од Славеј над Прилеп. Со други зборови, „се селеа ушите и очите“ од југот на РМ, а воздушниот простор остануваше без контрола, порозен за влегување на воените воздухоплови на соседните држави. Овие постапки „де факто“ укажувале дека во Белград веќе донеле одлука да ја напуштат територијата на РМ. Од македонска перспектива атмосферата била толку тензична, што се чинело дека ССНО во Белград како само да чекала некаква провокација или инцидент, за да отпочне со воени дејства во државата. Далеку од очите на јавноста, во октомври 1991 година, Третата армиска област во Скопје прима насоки од Белград да не се предизвикуваат никакви ексцеси или судири што би довеле до ширење на воениот конфликт на југот.

Лов на македонските војници и старешини кои ја напуштиле ЈНА

Во периодот од септември до декември 1991 година се поголем број македонски граѓани, постапувајќи по одлуката на Владата, го игнорирале повикувањето во регрутен состав. Голем бил и бројот на македонските старешини и војници кои ги напуштале редовите на ЈНА во другите републики и се враќале илегално во РМ. Поради тоа што оваа појава добивала масовни размери, Командата на 3. област во Скопје и издала наредба на Воената полиција, за апсење и приведување на сите кои ги напуштиле редовите на ЈНА или не се отповикале на регрутација. Така започнал ловот на македонските старешини и војници низ градовите на нашата држава. Кога на 17 ноември 1991 г. Собранието на РМ го изгласало Уставот на РМ, сите илузии за останување на Македонија во рамките на СФРЈ се распрснале, а македонските граѓани им дале на знаење на сите други републики во СФРЈ и на целата светска јавност дека новата држава застанува цврсто на своите нозе.

Во текот на ноември и декември 1991 година ЈНА продолжила со забрзано селење на воената опрема од РМ, од касарните се одземало се што можело да се демонтира, дури и до најситни материјали, а во Оперативиот центар на 3. воена област деноноќно се координирале сите конвои и рути на движење. Македонското МВР вршело внимателно набљудување и следење на сите движења на конвоите на ЈНА. Кон крајот на 1991 година, Претседателство на СФРЈ, од кое во ноември 1991 година се повлекоа претставниците на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија, соопштило дека ЈНА нема да ги извршува обврските за обезбедување на државните граници на територијата на РМ заради одбивањето на македонските власти за регрутација на нови војници за потребите на ЈНА. Тоа значело дека, за кусо време ЈНА ќе ги напушти сите караули на македонската граница со Бугарија, Грција и Албанија и истата ќе останела необезбедена.

(продолжува) д-р Павле Арсоски, генерал-мајор

https://www.mod.gov.mk/storage/2022/04/Shtit-150.pdf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:46

30-Години АРМ ZyWjiDN

30-Години АРМ VTEUwxM
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:49

30-годишен јубилеј од формирањето на Македонсата одбрана и Армија
Од идеја до изградба на систем на национална одбрана (3)


Територијалната одбрана се подготвува за нова улога

Како решение за безбедносниот ризик предизвикан со напуштањето на граничните објекти од страна на ЈНА, претседателот Киро Глигоров, на командантот на Републичкиот штаб на македонската ТО, генералот Томислав Трајчевски, му наредил да почне со подготовка за повикување на единици на ТО за ангажирање во граничната служба. Најголем проблем за оваа активност претставуваше неможноста на ТО да пристапи кон магацините со оружје и опрема, но проблемот привремено беше решен со оружјето на македонската полиција. Поради воениот конфликт, ЈНА кон крајот на 1991 година претрпува голема реорганизација, со која на територијата на Југославија, без Словенија и поголем дел од Хрватска, се формираат четири воени области. За РМ е значајно што Третата воена област, која претходно беше најголема по површина и воено најмоќна (Македонија, Косово, Црна Гора и јужна Србија), е намалена стриктно на просторот на РМ. Ова ја потврдуваше намерата на Белград за тоа кога ЈНА ќе се повлече од РМ, а нејзините единици на Косово, во Црна Гора и во Јужна Србија веднаш да бидат структурално потчинети на други команди надвор од територијата на РМ. Истовремено, во јануари 1992 година е извршена смена на командантите на Третата област. На местото на генералот Милутин Кукањац, во Скопје пристигнува генералот Никола Узелац. Тој, на средбата со претседателот Киро Глигоров, изразил подотвеност да разговара за повлекувањето на ЈНА од РМ. Околу условите за повлекување на ЈНА, македонските власти требаше да преговараат со генералот Благоја Аџиќ, кој на 9 јануари 1992 година ја презеде функцијата вршител на должноста на ССНО на Југославија.

Македонските пратеници го гласаат првиот Закон за одбрана

На 14 февруари 1992 година, Собранието на РМ го изгласа првиот Закон за одбрана. Еден од предусловите за формирање на АРМ беше повлекувањето на ЈНА и избегнувањето на судир кој можеше да се претвори во воен конфликт од големи размери. Во текот на февруари 1992 година, ЈНА ја зголеми фреквенцијата на движењето на конвоите и железничките композиции, забрзано се празнеа касарните, се соголуваа воените складови и објекти, а целата опрема и техника се транспортираше на север. Ова беше многу драматичен период за Македонијa поради непредвидливоста на одлуките на раководството на ЈНА. Дотолку повеќе, што во тие денови и недели, на единиците им било наредено да ги минираат касарните и складовите. Така, биле минирани касарните „Сутјеска“ во Тетово, „Кузман Јосифовски-Питу“ во Ѓорче Петров, касарната во Штип, аеродоромот „Петровец“ и други објекти. Во неколку случаи, во Скопје, во Гостивар, во Штип, во Струмица и во други градови низ РМ, групи на старешини кои веќе ја напуштиле ЈНА, заедно со македонските старешини кои сè уште беа на служба во ЈНА, а со поддршка од македонската полиција и граѓаните, преземаа подготвителни акции за упади во складовите каде што била стационирана голема количина на скапа воена техника. Исто така, се вршеа и пресретнувања на конвоите на ЈНА, со цел истата да се одземе и да се засолни на безбедни локации. Во еден таков случај, припадници на полицијата на 10 февруари 1992 година, извршија диверзија и упад во воениот склад во Визбегово, при што беше одземено оружје, опрема и моторни возила.

Во овој период беа евидентирани многу случаи каде македонски старешини, пред доаѓањето на конвоите или за време на нивното движење низ РМ, засолнувале оружје, опрема и воени возила на сигурни локации, со цел истите да се искористат при формирањето на АРМ. Таквата ситуација ја „наелектрилизира“ уште повеќе целата атмосфера во државата и го зголеми револтот кај македонските граѓани. Од таа причина, а со цел да се смири ситуацијата, Претседателот и Владата на РМ испратија директива до сите полициски станици, подрачни единици за одбрана и совети на општини, со која се забранува преземање насилни мерки против ЈНА, односно, да се спречи да не се предизвикуваат никакви инциденти. Барањето за официјални разговори од македонска страна, генерал Аџиќ долго време го одбиваше но, конечно, на 20 февруари 1992 година, југословенска делегација пристигна во Скопје. Делегацијата на РМ ја сочинуваа претседателот на РМ Киро Глигоров, претседателот на Собранието Стојан Андов, претседателот на Владата Никола Кљусев, министерот за одбрана Трајан Гоцевски, министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, министерот за надворешни работи Денко Малески, командантот на македонската ТО, генерал Томислав Трајчевски, и претставници од МВР и од МО.

Рокот за ЈНА да се повлече од РМ бил до 15 април 1992 година

Преговорите се одржаа на 21 февруари во зградата на македонското Собрание и завршија во вечерните часови со значајни заклучоци: ЈНА конечно да се повлече од РМ со краен рок,15 април 1992 година, старешините кои не сакаат да заминат веднаш да се преселат со нивните семејства, командите и единиците на ЈНА да земат со себе сé што формациски им припаѓа и што не се смета за движен имот, да се формираат заеднички комисии од сите ресори кои ќе подготват детални планови за што побрзо примопредавање на техниката, опремата и објектите. Според Трајан Гоцевски, преговорите биле мачни и тензични, а македонскиот тим најмногу инсистирал аеродромот во Петровец да остане во потполна функционалност, како единствена орта на РМ кон светот, дури по цена и на употреба на сила. Сепак, на македонските претставници во преговорите најмногу им значеше да нема жртви и разурнувања и ја спроведуваа стратегијата на мирно повлекување на ЈНА. Ваквата стратегија, сепак, не значеше и кревање раце од сé што поседуваше ЈНА во РМ.

Во списокот на објекти и опремата кои РМ сакаше да ги задржи, покрај целокупниот недвижен имот, се наоѓаа: комплексот на военоздравствени установи, опремата на граничните објекти, аеродромите на Петровец и во Охрид и целокупната опрема и оружје на македонската ТО. Едно од прашањата во преговорите беше врзано за статусот на старешините и граѓанските лица на служба во ЈНА. Водачот на југословенската делегација, генерал Аџиќ, користел термин „привремена дислокација на ЈНА од територијата на РМ“, што југословенската делегација постојано го истакнувала, а подоцна беше доста експлоатирано во српските медиуми. Колку ситуацијата била драматична опишува генералот Митре Арсовски, според кого на генералот Аџиќ некои српски политички лидери му предлагале да го уапси целокупното македонско политичко ракводство и на тој начин да ја разреши состојбата. Дрскоста одеше до таму, што во текот на разговорите генералот Аџиќ се заканувал дека доколку договорот не се спроведе по сите точки и доколку има дури и една жртва од редовите на ЈНА, ќе има сериозни последици по РМ.

Конечно, со потпишувањето на Договорот „Глигоров- Аџиќ“ на 21 февруари 1992 година, се создадоа услови за организирано и легитимно заминување на единците и командите на ЈНА од македонската територија и истото започна во наредните денови, а продолжи континуирано до крајот на февруари и целиот месец март 1992 година. Бидејќи со Договорот не можеа да се опфатат сите аспекти и детали, во текот на повлекувањето на ЈНА беа изработени неколку анекси на Договорот со детали од одредени области. Од македонска страна, Владата на РМ, на 25 февруари 1992 година донесе заклучоци за однесувањето на ЈНА при напуштањето на РМ, со кои е одлучено да се воспостави режим на движење на воени возила и воздухоплови во и од територијата на РМ, за македонските власти да имаат целосна контрола на случувањата на терен. Владата дополнително донесе одлука за влегување на странски воени возила и воздухоплови на територијата на РМ. Причина за ова беше што дотогаш изнесувањето на воен материјал од магацините на ЈНА беше без контрола на македонските власти. Реакцијата на ЈНА на ова беше демонстрација на сила со префрлање на елитни падобранско- диверзантски единици од гарнизонот во Ниш на аеродромот Петровец и надлетување на воени воздухоплови во низок лет над градови во РМ.

ЈНА однесе сè, но не и желбата за зачеток на македонска армија

Дополнителна неизвесност во севкупните состојби внесе и информацијата за минирање на касарните. Беа потребни секојдневни контакти меѓу македонските власти и претставниците на Третата воена област на ЈНА, за состојбата да се држи под контрола. За време на дислокацијата, конвои на товарни воени и цивилни возила управувани од регрути и припадници од резервниот состав на ЈНА, секојдневно влегуваа на територијата на РМ до воените складови, каде истите се товареа и заминуваа кон север. Тие, во многу случаи беа попречувани од незадоволни македонски граѓани, кои не ѝ дозволуваа на ЈНА да товари одредени материјални средства или им го попречуваа излегувањето од касарните и складовите. Таков беше и случајот во Охрид, кога беше спречено товарењето на чамците на езерската флота. Најмногу тензии предизвикуваше можното селење на опремата од аеродромите во Петровец и во Охрид, веќе спомнатата езерската опрема во Охрид, радарската опрема и стационарните јазли за врски. ЈНА повлече огромен број материјално-техничките средства, опрема и оружје од територијата на РМ.

Според конечниот биланс, тоа се: 350 борбени возила (тенкови, оклопни транспортери и други типови на борбени возила), 35 борбени и школски авиони, 5 хеликоптери, 410 парчиња различни орудија за противвоздушна одбрана, 284 артилериски ракетни системи, 1.692 ракети, 160 инженериски машини, 673 инженериски комплети за минирање и деминирање, 1,3 тони експлозив, 450.000 разни видови противпешадиски и противтенковски мини, 223.000 различни средства за АБХО, 40.200 различни средства за врски, 16.000 парчиња разни интендантски средства (одела, униформи, прибори за јадење, перални, шатори и друго.), 130.000 конзервирани дневни оброци, 19.0000 парчиња пешадиско оружје (пушки, пушкомитралези, митралези, разни фрлачки на гранати и друго), 1.800 неборбени воени моторни возила, 1.424 патнички и товарни моторни возила, 3 патролни чамци и разни други материјално-технички средства и опрема (алати од подвижни работилници, резервни делови, гориво и друго). Ова значеше дека идните македонски вооружени сили во 1992 година останаа со скромни количини оружје и техника, односно само она кое ѝ припаѓаше на македонската ТО. Но, тоа, сепак беше солидна основа за зачеток на македонска армија, која ќе ги преземе сите одговорности за одбрана и мир на новата македонска независна држава.

(продолжува) д-р Павле Арсоски, генерал-мајор

https://www.mod.gov.mk/storage/2022/05/Shtit-151.pdf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:50

30-Години АРМ TihkfGy

30-Години АРМ Z1ygaW5
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:54

30-годишен јубилеј од формирањето на Македонсата одбрана и Армија
Од идеја до изградба на систем на национална одбрана (4)

Формирање на командите и единиците на АРМ

Еден од основните и најважни предуслови за формирањето на АРМ беше човечкиот потенцијал кој РМ го имаше на располагање во дадениот историски момент, со сето свое стручно знаење, искуство, мотивираност и патриотизам. Во согласност со Договорот Глигоров – Аџиќ, на сите старешини и граѓански лица на служба во ЈНА им се овозможи слободно да се определат дали ќе останат во системот за одбрана на РМ или ќе заминат заедно со единиците на ЈНА. Паралелно со тоа, во државата веќе пристигнуваа македонските старешини и граѓански лица кои ги напуштиле единиците на ЈНА од просторите на бившата Југославија и се пријавуваа во македонското МО. Авторот на овој фељтон беше меѓу првите македонски старешини, кој во јули 1991 година се пријави и се стави на располагање на македонскиот Секретаријат за народна одбрана, подоцна МО, односно 10 месеци пред официјалното формирање на АРМ. Тоа беа месеци полни со социјална и егзистенцијална несигурност за голем број старешини на тогашната ЈНА и нивните семејства. Ако на тоа се надоврзеше дилемата дали РМ ќе одлучи да продолжи сама на патот на нејзината независност, се рефлектираше на податокот дека до предвидениот рок за иселување на последниот војник на ЈНА од РМ (15 мај 1992 година), во евиденцијата на МО беа евидентирани само околу 600 старешини. Тоа, за македонските власти, претставуваше своевидно разочарување и одреден хендикеп при првичното планирање на системот на одбрана на државата, а внесуваше и одреден немир кај политичките лидери во определбата на македонските старешини и нивната верба во самостојна одбрана на РМ. Сепак, одбранбеното осамостојување на РМ беше врвен императив, клучот и условот за нејзиното конституирање како независна и суверена држава. Процесот на формирање на АРМ во 1992 година треба да се разбере само како почеток на развојот на еден сложен, комплексен и динамичен процес на изградба на одбранбениот систем на РМ.

Напоредно со активностите врзани со заминувањето на ЈНА од државата, се одвиваа и активности посветени на новата организација на МО, формирањето на ГШ на АРМ,изработка на воената формација и нејзиното одобрување од страна на претседателот на РМ и врховен командант, изработка на Правилникот за служење на воениот рок во АРМ и други организациски дејства. Политичкото раководство за пополнување на редовите на АРМ ги имаше на располагање македонската ТО и тие кои ја напуштиле ЈНА и се ставиле на располагање на Р. Македонија. Многу време и енергија одземаа консултациите за избор на началник на ГШ на АРМ, а напоредно се одвиваше концептуална борба на спротивставени мислења меѓу старешините и политичарите за тоа дали на функцијата министер за одбрана да биде цивилно лице, при што преовлада ставот и убедувањето на политиката, за демократска контрола над вооружените сили. Според првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, на воениот врв му било понудено местото заменик- министер, но истото од воените авторитети било одбиено. Според генералот Митре Арсовски, картата за развој на АРМ, нејзината организација и формација, потпишана од страна на претседателот на РМ, предвидувала петнаесет генералски позиции за следните должности: опционално-заменик МО, НГШ на АРМ, заменик НГШ, командант на Армијата, началник на штаб на Армијата, началник на Управата за борбена готовност, началник на Управата за морал, началник на Управата за планирање, развој и финансии, началник на Управата за разузнавање и безбедност, началник на Оперативната управа, началник на Управата за воено воздухопловство и противвоздушна одбрана (ВВ и ПВО), командант на 1. армиски корпус, командант на 2. aрмиски корпус, командант на 3. армиски корпус и командант на ВВ и ПВО.

Првите укази за генерали, потпишани на 16 март 1992 година

При разгледување на персоналните предлози за пополнување на генералските позиции, на состаноците во МО се јавувал силен анимозитет меѓу двете групи старешини од ЈНА и од ТО, за што сведочи и Трајан Гоцевски, кој присуствувал на истите. Спротивставените страни не можеле да најдат компромис туку предложиле министерот Гоцевски и службите на МО да ја состават листата и да му ја предожат на претседателот на РМ за одобрување и потпишување на укази што, всушност, подоцна и било направено. Како последица на тоа, во изборот за пополнување на клучни места во АРМ. Министерот, во консултации со претседателот на државата, бил принуден да прави компромис меѓу старешините од ЈНА и ТО што да се прави понатаму, а на одреден негативен начин се чувствувало и во функционирањето на АРМ во почетниот период. По сите завршени консултации, претседателот на РМ, по предлог на министерот за одбрана, на 16 март 1992 година, ги потпишал првите укази за поставување на старешини за генералски должности во ГШ и армиските корпуси, а истите им се соопштени на 17 март. За прв началник на ГШ на АРМ 10 е поставен генерал-мајор Митре Арсовски. Веднаш следниот ден, на 18 март, сите новопоставени старешини биле примени од страна на претседателот на РМ. На состанокот, претседателот на РМ, на генералите им ги презентирал замислата и задачите на АРМ која треба да се формира со основна функција за обезбедување на суверенитетот и територијалниот интегритет на РМ. Оваа задача за АРМ ни од далеку не била едноставна бидејќи требало да се изврши за кус временски период и истовремено да се следат современите западноевропски стандарди.

Генералната замисла на политичкиот врв била АРМ да се гради постепено и во согласност со можностите на РМ, да биде мала по број, но организирана, обучена и оспособена да ја изврши својата мисија. Армијата да не биде агресивно настроена кон ниту еден сосед на РМ, да се исклучи каква било партиско и политичко дејствување во нејзините редови, регрутниот контингент да го одразува вистинскиот состав на населението на државата, да се води сметка за националниот состав на старешините, да се посвети грижа за војниците-регрути, а прв приоритет да биде обезбедувањето на државната граница. Понатаму, да се изврши процена од потребата за соработка со НАТО и другите армии, особено од соседните земји. Паралелно со одлучувањето за персонални решенија на клучните места во АРМ, преку подрачните единици на МО започна и процесот на регрутација на младите македонски граѓани-војници, кои на 15 април 1992 година требаше да се јават во касарните. Во согласност со Уставниот закон, член 13, беше предвидено вооружените сили на РМ до донесувањето на Закон за одбрана да ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на ТО. Подоцна, со новодонесениот Закон за одбрана, во членот 132, беше јасно кажано дека со влегување на сила на овој закон, единиците, командите и штабовите на ТО се трансформираат во единиствен систем на одбрана на РМ.

Ова докажува дека во фазата на повлекување на ЈНА од РМ, македонската ТО одигра значајна улога и го понесе најголемиот товар во преземањето и обезбедување на државната граница, касарните и други воени објекти, потоа во учеството во различни комисии за прием на средства и објекти од ЈНА, како и нормалното функционирање на воените инсталации до моментот на оспособувањето на првата генерација регрути, кои потоа постепено ќе ги преземат обврските од ТО. На средината на март 1992 година, напорите за изградба на АРМ продолжуват со ненамалена брзина, паралелно со гореспоменатите активности на терен. Извршено е донесување на неопходни акти, кадровско екипирање на пониските ешалони и материјални и други подготовки за прием на првата генерација македонски регрути. Во релативно кус временски период е донесена првата воена формација на АРМ, одлуката за организација на Армијата, уредбата за чиновите и десетина други правилници, неопходни за функционирање на АРМ. На 28 март 1992 година, свечено беше кренато македонското знаме на јарбол пред зградата на МО и ГШ на АРМ, односно пред поранешната Команда на Третата воена област на ЈНА, а од страна на ГШ на АРМ беше изработен и во деловодна книга и бепше заведен првиот документ на новата армија. Симболиката на тој ден постои и денес преку бројот на Воената пошта на Генералштабот.

Спротивставени идеи околу моделот на одбраната и АРМ

Тензиите и спротивставените идеи околу моделот на одбраната и АРМ продолжуваа на реалација воен- цивилен персонал, како и меѓу воениот персонал од бившата ЈНА и припадниците на ТО. Воениот врв вршел постојан притисок за изготвување на акти и прописи кои ќе го дефинираат и ќе го гарантираат посебниот третман и статус на АРМ во македонското општество. Старешините барале посебен Закон за вооружените сили, воено здравство, посебен пензиски фонд, воено судство, воено школство, ГШ, независен од МО и слично. Овие барања од страна на МО беа оценувани како нереални и спротивно на Законот за одбрана.

На крајот, преовлада цивилниот и граѓански концепт за раководење на одбраната во демократско општествено уредување на Р.Македонија, а со тоа старешините на АРМ ги изгубија повеќето привилегии, статус и третман кои ги имаа како припадници на ЈНА. Изминатите безмалку три децении сведочат дека овој граѓански и демократски концепт со сите свои придобивки, но и недостатоци, сепак, беше единствено правилно решение. Кај македонските власти во првите години од осамостојувањето на државата постоеше одредена заддршка, а можеби и недоверба кон воените лица на служба во АРМ и Армијата како целина. Лесно можеше да се стекне погрешен впечаток дека од страна на политичкиот врв на РМ, Армијата се доживува како „нужно зло“, во смисла дека младата држава немаше друг избор, туку мораше да формира сопствени вооружени сили, а од друга страна посоела и претпазливост која била забележителна. Постоеја и силни струи во политиката кои заговараа демилитаризација на РМ, односно изградба на државата без вооружени сили. Единствено логично објаснување е дека политичката елита во РМ своите резерви и недоверба кон ЈНА, на одреден начин и сосема несвесно го пренесе и на АРМ, бидејќи голем дел од старешинскиот состав на АРМ, сепак, беше штотуку вратен од ЈНА.

Исто така, останува фактот дека граѓанскиот и демократски коцепт на раководењето со вооружените сили во изминатите години, секоја политичка гарнитура на власт го толкуваше различно. Честопати, структурите во МО, демократската контрола над Армијата го разбираа како цивилно командување со Армијаташто беше сосема погрешно. Во таа смисла, барањата на старешините за третманот и статусот на АРМ во општеството, како и позиционирањето на ГШ и АРМ независно од политиката, од страна на политичарите беа оценувани како нереални. Но, интензивната меѓуармиска соработка во изминатите децении и сознанијата за стандарди во армиите на НАТО државите покажуваат дека голем дел од тие барања сепак биле оправдани. Во повеќето армии на земјите членки на НАТО постои воено здравство, воени судови, воено школство, воен станбен фонд или некоја друга политика за домување на семејствата на припадниците, поволности при пензионирање и многу други олеснувања како своевиден надомест за службата кон татковината и ризиците кои ја следат.

Прашања за кои требало и морало да постои повеќе слух

Денеска, после речиси три децении од формирањето на АРМ и нејзиниот статус во општеството, докажува дека во врска со овие прашања требало и морало да постои повеќе слух. Што се однесува до односот меѓу старешините од ТО и поранешната ЈНА, причините за анимозитетот беа од друга природа. Старешините од ТО, поради ангажманот на ТО во критичниот период при заминување на ЈНА и сиот товар кој го понесоа, сметаа дека ТО треба да биде модел за изградба во АРМ, нејзините припадници требаа да ги заземат клучните позиции, а на старешините произлезени од ЈНА се гледало како на пројугословенски ориентирани. Од друга страна, старешините од поранешната ЈНА, кои презеле важна и ризична одлука да ја напуштат ЈНА и да се преселат во РМ, во најголем број станбено необезбедени и социјално неосигурани, со истрауматизирани семејства вратени од завојувани региони и принудени во одреден период од животот да започнат нов почеток, сметаа дека со нивното изложување на ризик пред ЈНА и нивното враќање во РМ, го докажале својот патриотизам и очекуваа соодветен третман и поддршка од татковината. Тие, на своите колеги од ТО, им забележуваа за неодлучноста во изборот помеѓу македонската и југословенската опција во процесот на осамостојување на РМ, како и за удобниот живот при долгогодишната служба меѓу своите во татковината.

(Продолжува) д-р Павле Арсоски, генерал-мајор

https://www.mod.gov.mk/storage/2022/06/Shtit-152.pdf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty9/7/2022, 23:54

30-Години АРМ XZNd91v

30-Години АРМ LXgl7Hf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty10/7/2022, 00:01

30-годишен јубилеј од формирањето на Македонсата одбрана и Армија
Од идеја до изградба на систем на национална одбрана (5)

Во последните денови од март 1992 година, напоредно со голем број активности, македонските старешини, веќе распоредени во касарните, вршеа подготовки за обезбедување на соодветни услови за живот и работа на војниците-регрути. Состојбата во касарните кои ги остави ЈНА беше катастрофално лоша. Спротивно на Договорот „Глигоров-Аџиќ“, ЈНА ги предаде касарните и објектите девастирани и руинирани. Беше очигледно дека објектите се намерно оштетувани и вандализирани, што наликуваше на своевидна диверзија и деструкција од страна на ЈНА во заминување. Поради тоа беше потребен силен напор, многу работа и ентузијазам на старешините на АРМ за обезбедување на минимум потребни услови за прием на првата генерација регрути. Офицерите и подофицерите самостојно вршеа варосување, чистење, поправка на инсталациите, електриката, столаријата и слично.

За голем успех може да се смета фактот што за многу краток временски период се ставија во функција военоздравствените установи, економиите, библиотеките,Военоугостителската установа „Вардар“, војничките клубови, кантините, интендантските сервиси, пералниците, пекарите, градежните секции и сé останато, што беше неопходно за нормално функционирање на касарните. По завршувањето на сите подготовки, на 14 април 1992 година, во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут, Пане Јамандиев од Велес, а на 15 април во касарните во Скопје, Битола, Штип и Охрид беше примена првата генерација млади војници во АРМ, со што и започнува формирањето на вооружените сили на Република Македонија. При изготвувањето на првата воена формација на АРМ, военото и цивилно раководство се соочило со уште еден сериозен предизвик од персонална природа. Од една страна проекциите покажувале потреба од помала воена структура со помал број старешински места од бројот на старешини кои им биле на располагање. Всушност, на АРМ пред сѐ ѝ биле потребни помлади старешини со пониски чинови кои ќе ја спроведуваат обуката со регрутите, а фактичката состојба биле дека бројката на повозрасните старешини со високи чинови е многу поголема.

Од друга страна, Одлуката на Владата на РМ дека ќе ги прифати сите старешини и граѓански лица кои одлучиле да ја напуштат ЈНА, ги обврзуваше авторитетите за секого да биде обезбедено соодветно работно место. Поради тоа, МО мораше да ги решавастатусни прашања на сите старешини, без разлика на потребите кои произлегуваа од воената формација. За оваа состојба постоел став на Владата, по стабилизирањето на состојбата, бројката на старешини да се намали и да се усогласи со воената формација. Но, овој став на Владата никогаш не бил спроведен, што многу негативно ќе влијае во подоцнежните години од развојот на АРМ. Првата организациско-формациска структура на АРМ беше така замислена за да ги исполни предусловите наведени во Уставот на РМ, како и да обезбеди работни места на сите старешини кои ѝ се ставиле располагање на државата. По консултации меѓу МО и претседателот Киро Глигоров, во последен момент се извршени одредени корекции во формацијата на АРМ, со следниве измени: за местото заменик во МО наместо воено лице да се постави цивил, а укинати се позициите командант на Армијата и НШ на Армијата. Останатата структура била како што било предложено од воениот врв: Генералштаб како највисоко стручно тело за командување и контрола, оперативни единици групирани во три армиски корпуси и останати самостојни единици, директно потчинети на ГШ на АРМ

Модел на одбраната – еднокомпонентни вооружени сили со постојан и резервен состав

Уставот предвидуваше АРМ да биде малубројна, технички добро опремена, подвижна и со прецизни задачи во мир и во војна. Постојаниот состав на АРМ се состоеше од воени старешини, војници на отслужување на воениот рок, граѓански лица на служба во АРМ и војници по договор, и истиот требаше да претставува јадро за развој на воениот состав на вооружените сили на Р.Македонија. Постојаниот состав на АРМ требаше да се организира, да се оспособува и да се подготвува за заштита на државната граница, да се спречи ненадејна агресија, успешно да се справи со првиот удар на евентуалниот агресор, да овозможи услови за успешна мобилизација на резервниот состав, формирање и развој на воениот систем на вооружените сили и други субјекти на одбраната, како и непречен премин на органите на државната власт, претпријатијата, јавните установи и локалната самоуправа на работа од мир во воени услови. Моделот на одбраната за кој се определи РМ предвидуваше вооружените сили да бидат единствени (еднокомпонентни), составени од постојан (некои го нарекуваат редовен) и резервен состав, а не како што некои инсистираа, тие и понатаму, по теркот на СФРЈ, да бидат двокомпонентни, составени од редовна и резервна компонента и, дополнително, територијална одбрана. Армијата се организираше во видови, а тие понатаму во родови и служби.

Видовите на АРМ беа копнена војска (КОВ) и воено воздухопловство и противвоздушна одбрана (ВВ и ПВО), додека родовите на АРМ беа пешадија, артилериско-ракетни единици (АРЕ), оклопно-механизирани единици (ОМЕ), инженерија, противвоздушна одбрана (ПВО), атомско-биолошко-хемиска одбрана (АБХО), единци за врски, а по потреба и други родови. Службите во АРМ беа: техничка, интендантска, санитетска,ветеринарна, финансиска, градежна и по потреба и други служби. Според првата организациско-формациска структурата во 1992 г., Армијата се состоеше од Генералштаб, три армиски корпуси, команда на ВВ и ПВО, односно, вкупно, 19 бригади, 7 полкови и 25 самостојни баталјони, како и 4 бригади, 2 полка и 2 баталјони директно потчинети на ГШ. Во постојаниот активен состав бројната состојба на АРМ беше проектирана на 22.000 припадници, додека во резервниот состав беа предвидени 44.000 припадници. Структурата на корпусите, бригадите и самостојните баталјони беше определена во „А“, „Б“ и „В“ класификација, според нивната пополнетост и борбената готовност. Командите и единиците на АРМ се пополнуваа со војници на отслужување на воениот рок-регрути, а воениот рок беше предвиден да трае 9 месеци. На секој од корпусите му беше одреден дел од територијата на РМ како зона на одговорност. Корпусите беа составени од бригади со „Б“, односно „В“ класификација, на кои им беа одредени зони на одговорност внатре во корпусот на кој припаѓаат. Треба, сепак, да се истакне дека сите формациски целини кои се создаваа, наликуваа на оние од поранешната ЈНА. Факт е дека во тоа време не постоеја сознанија и искуства како поинаку да се градат формациските целини.


АРМ во 1992 година беше за две третини побројна од денес

Старешините вратени од поранешната ЈНА се залагаа за што поголема бројност на АРМ. Од денешна временска дистанца, колку одлуките се производ на времето и условите во кое се живее и твори, се гледа во тоа што таа малубројна АРМ од 1992 година беше за две третини побројна од сегашната формација во 2022 година како членка на НАТО. Со регрутите распоредени низ касарните на АРМ, веднаш се започна со интензивна обука. Во обучувањето на единиците на АРМ беа користени знаењата и искуствата на старешините од поранешната армија. Императив беше што е можно побргу да се обучат и оспособат единици кои ќе ја растеретат ТО од обезбедувањето на воените објекти и пред сé од обезбедувањето на државната граница. Еден значаен историски настан треба посебно да се истакне. Свечената заклетва на првата генерација на регрути беше закажана за 9 мај 1992 година.

Поради важноста и значењето на настанот, беше одлучено полагањето на свечена заклетва на регрутите за единиците од гарнизонот Скопје, односно централната прослава да се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје. Настанот имаше огромно политичко и меѓународно значење, па поради тоа на свечената заклетва како гости беа најавени претседателот на државата Киро Глигоров, претседателот на Владата Никола Кљусев, претседателот на Собранието Стојан Андов, пратеници во Собранието, министри во Владата, претставници на верските заедници, на дипломатскиот кор и меѓународната заедница, а целиот настан беше проследен со директен пренос на Македонската радио- телевизија. За прв пат, во поновата македонска историја, македонските војници полагаа свечена заклетва во слободна, суверена, независна Р.Македонија, на македонски јазик и пред македонско знаме.

Авторот на овој фељтон ја имаше честа на првата свечена заклетва на војници во слободна и независна Македонија, одржана на 9 мај 1992 година, да биде знаменосец на македонското знаме. Во текот на мај и јуни 1992 година, логистичките служби на АРМ, со поддршка на текстилната фабрика „Тетекс“ од Тетово, ја креираа новата борбена униформа на АРМ, модел „М-92“, новата службена униформа за старешините, како и чиновите, ознаките и другите симболи на АРМ. На 3 јуни 1993 година, Владата донесе одлука со која 18 август, денот на формирањето на Баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година на Славеј Планина, го прогласува за Ден на Армијата на Република Македонија. Истата година, 18 Август, како Ден на АРМ, за прв пат беше прославен во сите команди и единици, во сите касарни и гарнизони низ РМ.

(продолжува) д-р Павле Арсоски, генерал-мајо

https://www.mod.gov.mk/storage/2022/07/Shtit-153.pdf
Вратете се на почетокот Go down
Momak od Gjorce

Momak od Gjorce


Број на мислења : 12354

30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty10/7/2022, 00:03

30-Години АРМ NF5QttG
Вратете се на почетокот Go down
Sponsored content





30-Години АРМ Empty
ПишувањеПредмет: Re: 30-Години АРМ   30-Години АРМ Empty

Вратете се на почетокот Go down
 
30-Години АРМ
Вратете се на почетокот 
Страна 1 of 4Отиди на страна : 1, 2, 3, 4  Next
 Similar topics
-
» 25 години АРМ
» 25 Години ПСО
» Воена парада по повод 20 години Армија на Република Македонија
» 100 години од Балканските војни
» 30 Години Независност - Дефиле на АРМ и МВР

Permissions in this forum:Не можете да одговарате на темите во форумот
Почетна :: Безбедносни сили на РМ :: Армија на Република Македонија - АРМ-
Отиди до: