25 години Воена служба за безбедност и разузнавање
http://morm.gov.mk/?mainnews=den-na-sluzbata-30-05-2017&lang=mkДенес во Музејот на Револуционерната борба во Скопје се одржа свеченост по повод одбележување на Јубилејот 25 години на Воената служба за безбедност и разузнавање. По тој повод, Министерот за одбрана, Зоран Јолевски се обрати пред присутните и истакна дека сите нејзини припадници со голем ентузијазам низ годините и љубовта кон своето, кон исконското, го изградија интегритетот на оваа Служба, за достоинствено опстојување на браникот на одбраната на татковината. Воената служба во сите овие изминати години прерасна во модерна, професионална и ефикасна служба достојна за почит.
- „Убеден сум дека како и досега така и во иднина ќе имате целосна поддршка од државното раководство и од сите нас и дека вие ќе продолжите и понатака доследно и професионално да ги извршувате поставените задачи на ниво потребно за постигнување на нашите цели во иднина“. – додаде Јолевски
Полковник Драган Ковачки, раководител на службата во своето обраќање рече дека паралелно со создавањето и градењето на татковината, Службата за безбедност и разузнавање во изминатите 25 години е изградена со елан, професионалност, самопожртвуваност и преданост на нејзините припадници.
Во воена служба се изградени капацитети и способности, подготвени да се носат со современите предизвици. Ефикасноста во работењето ја искажуваме преку будно следење на заканите и обезбедување и доставување на правовремени и точни информации до носителите на одлуки. Во оваа прилика полк. Ковачки упати благодарност до сите поранешни и сегашни припадници на службата за безбедност и разузнавање, кои својата преданост кон татковината ја потврдија и ќе ја потврдуваат во понатамошниот период преку извршување на високо ризични задачи за заштита на системот за одбрана на Република Македонија, на нејзиниот суверенитет и интегритет и на заштита на нејзината слобода и чест.
Денот се одбележува во амбиент поврзан и со Илинденскиот период кога на 26 мај 1903 година, во екот на подготовките за Илинденското востание, кога за прв пат и формално се споменуваат и регулираат прашања од разузнавачко-безбедносен карактер.
На денешната свеченост беше доделена плакета за соработка на Агенцијата за разузнавање и воедно беа доделени и благодарници и пофалници.