Административци бараат помош од медиумите за да не се најдат на листите за „преселба“
Жаклина Хаџи-Зафирова
Стотина вработени во Дирекцијата за заштита и спасување се водат како вишок вработени и ќе треба да се префрлат во други институции. Така барем стои во дописот на Дирекцијата со кој таа би требало најдоцна до 15 март, да достави список од најмалку сто лица кои ќе можат да заминат во други институции. Вработените се во паника дали ќе се најдат на списокот и се прашуваат по кои критериуми ќе ги издвојат, иако, како што велат, ништо официјално не им е соопштено. Страв и неизвесност има и во други државни институции, каде исто така, се прават листи на вишок вработени кои ќе бидат преземени во други државни институции со цел да се запазат заложбите на Владата да нема нови вработувања. „Нема простор за паника“, уверува министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, кој тврди дека листите се само во функција на прераспределба на кадрите, а не и со цел некој да биде отпуштен од работа. Дали некој треба да остане на работа, е работа на институциите, коментира тој, а не на министерството, кое во моментов ги спроведува реформите во јавната и државната администрација, чиј сектор е во негови раце.
Дознаваме дека писма од Владата за трансфер на вработени пристигнале и до други министерства и државни институции, како МНР, Министерството за правда, Министерството за образование, Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување..Неофицијално, се шират информации дека на удар за прераспределба се пред се', Македонците, а не и другите етнички заедници, но овие информации вчера никој не можеше да ги потврди. Според шпекулациите, интересен е примерот со Министерството за правда, каде пред две години наводно се донесени кадри од Министерството за одбрана кои биле вишок таму, а сега и од нив, наводно се бара да испорачаат список со вишок вработени.
Смирувачките тонови од надлежните, сепак, како да не допираат до вработените во администрацијата. Дел од нив се обратија до нашата редакција.
„Принудени сме да ви се обратиме на овој начин бидејќи нема кој да не заштити од раководството. Не постои синдикат ниту пак колегијалност и разумен приод во решавањето на проблемите кои постојат во Дирекцијата. Се прави хајка и списоци без никакви критериуми“, се вели во анонимното писмо кое стигна во нашата редакција. Вработените велат дека ниту во подрачните единици ниту до нив не е доставен заклучокот на Владата во која се бара најмалку стотина вработени да се префрлат во други институции. Тие посочуваат дека само пред три месеци имало забелешки за работата на директорот Шабан Салиу во конечниот ревизорски извештај каде стојат забелешки и утврдени незаконитости при вработувањето на 40-тина лица преку Агенцијата за привремени вработувања.
Вчера не можевме да стапиме во контакт со директорот на Дирекцијата, но контактиравме со неговиот заменик, Екрем Зендели. Тој ни потврди дека примиле допис од Владата и дека веќе и' одговориле, праќајќи и список од стотина вработени кои ќе треба да заминат од Дирекцијата. Но, во исто време, тие испратиле и писмо дека оваа државна институција нема да може да функционира без овие луѓе.
„Паниката се појавува поради разни гласини, но никој не треба да се плаши дека ќе го изгуби работното место. Ова е само консолидирање на државните институции. Реализираме допис во врска со Уредба на Влада. Во нашиот одговор јасно кажавме дека овие луѓе не ни се вишок, туку, напротив, дека ни требаат уште вработувања во Дирекцијата“, вели Зендели. Дирекцијата во моментов брои 305 луѓе, а ако заминат стотина, заменик-директорот вели дека тоа ќе се почувствува во институцијата. Листата на вишокот вработени, како што вели, ја работела стручна група, но не прецизира врз кои критериуми ја работеле.
Вчера побаравме одговор и од други институции. Допис добиле и во Министерството за образование и наука. Таму, наводно, стручните служби согледале дека имаат вишок економисти, а недостиг од правници. Но, велат, се работи само за десетина луѓе, што не се смета за голема бројка.
Од Министерството за одбрана 47 одат за судски полицајци
Министерството за правда испратило допис од повеќе државни институции, барајќи доброволци кои би сакале да се префрлат во нивниот ресор и да работат како судски полицајци. Од Министерството за одбрана и Генералштаб на АРМ се пријавиле 80-тина, но, откако биле направени анализите, било констатирано дека овој ресор може да одобри заминување само на половина. „Од Министерството и Генералштабот се пријавија 80 вработени, но откако беа извршени анализите во Министерството за тоа кој може да премине и кој може да остане, доставен е список до Министерството за правда со вкупно 47 вработени кои се согласуваат доброволно да работат во судската полиција“, велат од Министерството за одбрана.
______________________
Don't underestimate your enemy!