Своевремено АРМ поседуваше пушки Г-3 пушки кои беа опремени со подцевни гранатофрлачки во калибар 40 mm. Гранатофрлачките носеа ознака Т-40. Познато е дека пушките Г-3 се од германско потекло („Хеклер и Кох“), но по лиценца се изработуваат и во Република Турција каде, покрај пушките, се изработуваат и подцевните грана- тофрлчки Т-40. Иако се слични на американските М203, сепак се разликуваат по тоа што немаат класичен чкрапец како М203: чкрапањето се врши на лост сместен покрај цевката.Со приемот на автоматската пушка М21 во калибар 5.56 mm во арсеналот на АРМ, на сцена се појавува подцевната гранатофрлачка од руско потекло, БГП-40 изработена во заводот „Црвена застава“.Руската оригинална гранатофрлачка носи ознака ГП- 25 и претставува одличен концепт на едноцевни рачно полнети гранатофрлачки, едни од најкористените во светски рамки. Гранатофрлачката носи ознака ГП- 25 и е настаната во поранешниот Советски Сојуз, а борбената употребливост ја презентира од руската кампања во Авганистан до денешно време. Моделот од „Црвена застава“ е идентичен со рускиот модел и се монтира со таква леснотија како што се монтира и бајонетот наменет за пушката АК- 47 или М-70 АБ2. Имено, доволно е да се навлече на брадавицата (носачот) за бајонет, а притоа не се потребни никакви претходни подготовки на пушката. Кај западните конкуренти, на пример (како директен конкурент би го навел американскиот М203), мора да се извади некој дел (на пример, долниот дел од предната облога) и да се забрави за да се фиксира на цевката. Сето тоа одзема време што на боиштето може да биде пресудно, посебно кога треба брзо да се реагира. Рускиот концепт кој го применила и „Црвена застава“ може да се расклопи на два дела, да се одвои цевката од телото на гранатофрлачката, така што ќе се овозможи полесно и побезбедно отстранување на неиспукана-заглавена граната во цевката. Подцевните гранатофрлачки најчесто не се наменети да дејствуваат независно туку како дел поставен на носачот односно на пушката на кој е монтиран. Автоматската пушка на која е монтирана подцевна гранатофрлачка во рацете на стрелецот има солидна тежина, најчесто за околу 1.3 - 1.5 kg плус, (просечната модерна пушка е со тежина од околу 3-3.5 kg со полна рамка). Поради тоа пушката со монтирана подцевна гранатофрлачка не е погодна за борба на пократки растојанија каде маневарот со оружјето е брз и бара често подигање на пушката во позиција за дејство, на рамо. Оттука, слободно може да се каже дека рускиот тип има предност заради поедноставниот и побрз начин на монтирање и демонтирање.
Сепак, ова не значи дека војникот опремен со „калашников“ има предност кога се работи за борба во урбана средина, затоа што некои пушки, на пример М-4, се во предност кога се работи за прецизност во такво опкружување.
Гранатата која се користи кај рускиот тип е без чаура ( АПу М-21,во АРМ) и се исфрла цела како мина од минофрлачка, додека стандардната НАТО 40х46 грана- та, на пример за М203 или Т-40 (кои ги има во АРМ, за пушките М-203 и Г-3), оставаат чаура во цевката која мора да се извади по испукувањето.
МОДЕЛИ ВО АРМ И НИВНИТЕ КАРАКТЕРИСТИКИПодцевните гранатофрлачки се наменети за онеспособување на непријателска жива сила на отворено, во засолниште, во бункери или во објекти, потоа онеспособување и уништување на леснооклопни моторни возила и неоклопни возила и технички средства на непријателот.
Се употребуваат како додаток на основното вооружување за зголемување на огнената моќ на стрелецот, за исфрлање на гранати на поголеми растојанија и за попрецизен погодок отколку оној што стрелецот би можел да го направи со рачна граната. Одредени модели можат да дејствуваат независно од пушката (кога не се монтирани на пушката), при што се додава и потпор-кундак.
МОДЕЛ М203М203
Моделот М203 е дизајниран од „AAI corp“, САД , а го произведува „Колт“. Овој модел го заменува дотогашниот модел М79 кој бил со едноставна конструкција, односно едноцевната гранатофрлачка опременена со кундак којашто функционирала како ловечка, сачмарска пушка со рачно полнење, со прекршување на цевката за да се наполни или да се исфрли чаурата. М203 се појавува во 1967-68 година, но во употреба е од 1969 година. Работи на принцип на рачно полнење од задниот дел на цевката со тоа што по ставањето на гранатата во лежиштето истата се турка напред до забравување. Овој модел има регулатор на оган кој овозможува блокада на чкрапецот-положба „закочено“ или „оган“. Се фиксира на самата цевка на пушката М-4 од долната страна.Може да користи гранати 40х46 mm со различно дејство на цел. Најчесто се користат ХЕ & ХЕДП (високоексплозивни и високоексплозивни со двојна намена, односно моментни и кумулативни), но може да се испукуваат и гранати за зачадување на бојното поле, осветлувачки, наполнети со ЦС-гас ( солзавец) и други.
Кога се дејствува со моментни високоексплозивни гранати (ХЕ), треба да се внимава на безбедносното растојание од стрелецот до целта кое изнесува 130 метри во мирновременски услови. Гранатата се армира на околу 14 до 27 метри по излезот од цевката и има унишувачки радиус од 5 метри.Високоексплозивната граната со двојна намена (ХЕДП) има пробивна моќ од 2 инчи или 50.8 mm челик.Местењето (приспособувањето) на нишанската направа се врши на одбрана цел на далечина од 200 метри. Се смета дека местењето е успешно ако гранатата погоди во круг помал од 5 метри во радиус околу целта. М203 користи нишан квадрант и механички нишан на преклоп.
МОДЕЛ БГП 40 (М-21)БГП 40 (М-21)
Подцевната гранатофрлачка за пушката БГП 40 (М21) е произведена во Заводот „Црвена застава“ –Крагуевац. Овој модел е копија на рускиот ГП наменет за пушки од фамилијата на „Калашников”, а во АРМ се користи на АПу М21 5.56 mm. Принцип на работа: Рачно полнење од предниот крај на цевката, забравува на тој начин што гранатата се притиска од горниот крај за да се постави во лежиштето . Гранатата нема чаура и се исфрла цела.
Овој модел е опремен со механички нишан кој има поделоци за посредно и непосредно
гаѓање. Од БГП- 40 се истрелуваат разорни, запаливи, кумулативни, димни и вежбовни гранати.
Тежината на моментна 40-милиметарска граната од типот на „Вог 25“ е 250 грама. Гранатата по истрелувањето е опремена со самоликвидатор. Во случај гранатата да не детонира при удар во целта, таа за кратко време се активира и експлодира, обезбедува сигурен ефект на целта, што е особено корисно при десјтво на објекти или бункери. За полесно вадење на гранатата, БГП има метална прачка за потиснување на забравената граната која може да ја исфрли од лежиштето низ устата на цевката. Кога гранатата е вметната во цевката нема опасност да излезе низ цевката кога ќе се навали оружјето со цевката надолу. Гранатофрлачката не се користи кога е извадена од пушката за да не дојде до случајно истрелување на заглавена граната.
Нишанската направа овозможува и дејство на цели кои не се гледаат, на пример позади објекти или препреки.
МОДЕЛ Т-40Т-40
Моделот Т- 40 работи на истиот принцип како и М203. Ги користи истите гранати и има исти карактеристики. Се разликува од М203 по чкрапецот кој е сместен отстрана и прилега на копчето за ослободување на цевката, но е обележан со црвена боја. Користи механички нишан на преклоп со ознаки до 400 метри. Се монтира на предниот дел под цевката и, за разлика од М203, се утврдува со чивија од долната страна.
ИЗВОР: „Штит„