Турскиот аскер тргнува во борба со Исламска државаТурскиот парламент ѝ дал овластување на Владата да одобри прекугранична воена интервенција во Ирак и Сирија, во борбата против припадниците на терористичката организација Исламска држава.
Владата, исто така, може да им дозволи на странските војници да бидат стационирани во Турција и да ги користат нејзините воени бази за таа намена, пренесе Ројтерс.
Дебатата, а потоа и одобрувањето од парламентот, следуваат откако претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата недела навести дека Турција ја менува својата политика за да преземе активна улога во борбата против членовите на ИС, кои се приближија на само неколку километри од турската граница во северниот дел на Сирија.
Владата сега треба да одлучи за конкретните чекори, а повеќето аналитичари очекуваат претпазлив пристап кон ова прашање.
Барањето на владата било одобрено без никакви проблеми, бидејќи владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) има мнозинство во парламентот, а за него гласала и опозициската партија Националистичко движење.
Главната опозициска Републиканска народна партија и прокурдската Народна демократска партија претходно најавија дека ќе гласаат против.
САД долго време вршеа притисок врз Анкара да им ја отстапи воздушната база Инџирлик на американските борбени авиони, во регионот Адан во јужна Турција, за нападите против ИС во Сирија.
http://www.mkd.mk/svet/vesti/turskiot-asker-trgnuva-vo-borba-so-islamska-drzhava