Грчките и бугарските комунисти биле за независна Македонија (1)БКП: „Делчев, Тошев, Петров, Сандански, Х. Димов… се претставувани како бугарски шовинисти и фашисти… Какво гнасно изопачување и фалсификување на македонската борба за слобода!“ ГКП: Независна Македонија и полна рамноправност на македонското малцинство во рамките на грчката држава“
Прашањето за обединувањето на Македонија откако таа била распарчена по Балканските војни 1912/1913 година било постојано присутно кај Македонците во трите расцепкани дела на Македонија, но и кај оние распрскани низ целиот свет. Најразлични политички партии, друштва, асоцијации, движења и поединци имале разни концепции за решавање на македонското национално прашање.
Грчките социјалисти биле за самостојна и автономна Македонија
Уште пред Мировната конференција во Лондон, Солунската социјалистичка федерација презела чекори пред Социјалистичкото биро во Брисел за ангажирање на Социјалистичката интернационала да се застапи за создавање на Македонија како самостојна автономна држава. Но залагањата на оваа федерација за создавање автономна Македонија што ќе се вклучи во состав на една балканска конфедерација не дале плод.
Непосредно по Првата балканска војна со свои идеи за зачувување на Македонија како единствена и самостојна држава во рамките на една балканска федерација настапила Македонската колонија во Санкт Петербург. Членовите на Македонската колонија упатиле Меморандум до општественото мислење на балканските држави, во кој биле изнесени гледиштата и ставовите на видните македонски интелектуалци во Русија за создавање самостојна македонска држава како рамноправен член на една балканска федерација. Македонските студенти што по Првата светска војна се нашле во Швајцарија почнале да се организираат во студентските друштва „Македонија“, „Македонија на Македонците“, „Вардар“, „Македонско друштво за независна Македонија“ и други, чија цел била борба за независна Македонија. Подоцна бил формиран Генерален совет на македонските друштва во Швајцарија, кој ја обединувал работата на споменатите друштва во нивната борба за слободна и независна македонска држава под протекторат на една од големите сили.
Веднаш по завршувањето на Првата светска војна се активирала македонската емиграција во Бугарија, надевајќи се дека на мировните договори ќе биде поставено и македонското прашање. И овој пат силите биле поделени: еден помал дел организиран во таканаречените „Македонски братства во Бугарија“ застанал на врховистички, пробугарски позиции; на другата страна биле силите што се залагале за ослободување и обединување на македонскиот народ во самостојна македонска држава. Било формирано Привремено претставништво на бившата ВМРО, кое определило ополномоштен претставник (Пол Христов) за да ги застапува во Париз интересите и правото на македонскиот народ за самоопределување и за создавање сопствена самостојна држава.
Меѓутоа, македонските национални интереси не се вклопувале во стратегиските интереси на големите сили, затоа Мировната конференција одбила да ја прифати ВМРО како легитимен претставник на македонскиот народ под изговор дека меѓународно-правен субјективитет им бил признаван само на држави, а не и на револуционерни организации. По завршувањето на Мировната конференција продолжиле активностите на македонските родољуби за решавање на македонското прашање: овој пат надежите и очекувањата биле насочени кон Лигата на народите, до која биле упатени многубројни молби, барања, петиции и меморандуми, кои останувале во сенката на недоразбирањата и конфликтите на државите, меѓу кои била поделена Македонија.
Формирањето на ВМРО (Обединета) во 1925 година значело продолжување на македонското национално револуционерно движење засновано врз идеите на старата гоцеделчева ВМРО и обединување на сите прогресивни сили, односно на тие што се бореле за ослободување и обединување на Македонија врз платформата на Мајскиот манифест од 1924 год.
Балканските комунисти едногласни за обединета Македонија
Во Уставот на ВМРО (Об.) главната цел била формулирана како „извојување на слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски граници и оформување во самостојна политичка единица која ќе влезе како рамноправен член во идната балканска федерација“. ВМРО(Об.) успеала да се ослободи од почетните слабости и погрешните сфаќања наметнати од балканските комунистички партии според кои населението во Македонија претставувало етничко шаренило и „мозаик на нации“ и да застане на правилни позиции, кои биле прифатени и од Коминтерната. Коминтерната во своите документи за правото на македонскиот народ на самоопределување тргнувала од основната историска претпоставка дека македонската нација била формирана и се наоѓала во процес на свое консолидирање. Програмските задачи на Балканската комунистичка федерација биле тесно поврзани со програмските задачи на Коминтерната. БКФ ја поддржувала паролата за независна и обединета Македонија и паролата за национално самоопределување на сите потиснати народи на Балканот.
Балканските комунистички партии, следејќи го ставот на Коминтерната за правото на народите на самоопределување до отцепување, ја признале македонската нација и го потврдиле нејзиното право на сопствена држава која би била рамноправна членка на една федерација. Но тоа не се случило веднаш, требало да помине време, партиите идејно да созреат за да почнат да преземаат извесни акции за афирмација на македонската самостојност.
БКП: Бугарските фашисти со сила ве тераат да се викате македонски Бугари
КПЈ почнала да размислува за националното прашање од 1923-24 година, но дури во 1940 година конечно ја дефинирала својата платформа за решавање на националното прашање во Југославија, во која како „една од најважните и најактуелни задачи“ ја навела „борбата за рамноправност и самоопределување на македонскиот народ против угнетувањето од страна на српската буржоазија“. Борбата на македонскиот народ за остварување на правото на национално самоопределување добила поддршка и во официјалните документи на Бугарската комунистичка партија (БКП) во годините пред Втората светска војна. Во еден апел на ЦК на БКП од 1940 година стои: „Многу правилно Македонците од југословенскиот дел на Македонија ги насочуваат сега своите усилби кон извојување автономија“, борејќи се со сите југословенски народи за „автономија и на другите југословенски народи, вклучително и на македонскиот“.
Во еден проглас од 1941 година се разобличува бугарската окупација во Македонија. Во текстот, меѓу другото, се вели: „Додека таканаречените српски големци не ви даваа да се викате Македонци и поради тоа ве гонеа, денеска бугарските фашисти и шовинисти со сила ве тераат да се викате македонски Бугари и исто така ве гонат ако кажете дека сте Македонци. Вашите водачи и борци од минатото како Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Х. Димов и др. ви се претставуваат како стопроцентни бугарски шовинисти и фашисти… Какво одвратно сквернавење на споменот на вашите големи апостоли и какво гнасно изопачување и фалсификување на македонската борба за слобода!“
КПГ во периодот меѓу двете светски војни за македонското прашање зазела и бранела два става: „независна Македонија“ (од 1924 до 1935 година) и „полна рамноправност на македонското малцинство во рамките на грчката држава“. Првиот став грчките власти го сметале како антинационален и антидржавен поради што следувале прогони и терор врз комунистите. Вториот став КПГ го бранела со изговор за промената на националниот состав во Егејска Македонија како резултат на размената на населението меѓу Грција, Турција и Бугарија, иако таа промена одамна била завршена. Во согласност со тој став КПГ ги штитела Македонците од теророт на грчките власти, се залагала за отворање македонски училишта, формирала посебни македонски партиски организации и др.
Во 1936 година во Загреб македонските студенти во Загреб и Белград го создале МАНАПО (Македонско народно движење) кое го застапувало ставот дека македонскиот народ претставува посебна јужнословенска нација и националната слобода на македонскиот народ во иднина треба да се решава во заедница со другите народи на Југославија во рамките на југословенската федерација. Македонската емиграција во дијаспората меѓу двете светски војни била главно сконцентрирана во САД и во Канада и таа дејствувала како единствен организам, без да се дели според местото на потеклото. Првата политичка организација била формирана во 1922 година во Индијана под името Македонски политички организации (МПО), но таа наскоро се ставила во служба на врховизмот и Иван Михајлов. Така дошло до поделба меѓу десноориентираната и левоориентираната емиграција во САД и Канада. Во 1930 година била формирана нова политичка организација под името Македонски народен сојуз (МНС), која дејствувала се до 1948 година. Во Уставот на МНС било истакнато: „МНС во Америка има цел да ја помага со сите сили и средства борбата на својот поробен и распарчен народ за ослободување и обединување на Македонија во една независна народна република и нејзино вклучување како рамноправен член во идната балканска федерација на слободните балкански народи“.
Според книгата „Прашањето на обединувањето
на Македонија во Втората светска војна“ на Миле Михајлов
(продолжува)
[You must be registered and logged in to see this link.]