Полски државјани фатени во обид да прошверцуваат 14 кг. марихуана
Скопје, 10.11.2014 година
Царинските службеници од Одделението за оперативни работи – Мобилни тимови, вчера (10.11.2014 год) спречија обид за шверц на 14 кг марихуана преку граничниот премин Табановце.
Околу 10 часот утрото, на граничниот премин Табановце - автопат за излез од Република Макоедонија пристигна возило „Рено Лагуна“ со полски регистарски таблици, управувано од лицето Д.Л. (48), во кое како сопатник патувала и К.С. (46).
При првично разгледување на надворешноста на возилото, царинските службеници се посомневале дека истото е преправано и го издвоиле за детална контрола во гаражата на преминот. Притоа, со отстранување на задниот браник и сечење на лимот, пронајдени се три отвори по должината на подвозјето, околу резервната гума. Во левиот отвор се откриени 14 пакетчиња, од десниот отвор 16 и од средниот отвор се извадени 15 пакетчиња (или вкупно 45 пакетчиња), наполнети со растителна материја, облепени со кафеава селотејп трака и покриени со свежо мелено кафе. По извршеното вештачење, утврдено дека се работи за опојна дрога марихуна со вкупна тежина од 13,830 грама.
По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш се преземени активности согласно овластувањата во рамките на правосудната полиција, заради утврдување на сите факти и докази во врска со кривичното дело.
Од спроведените предистражни мерки, утврдено е дека лицата биле ангажирани од друго лице од Полска, за парична награда од 2.500 евра да ја пренесат дрогата од Албанија во Полска. Возилото претходно било специјално преправено во Полска од страна на организаторот на транспортот, на тој начин што е направено двојно дно по целата должина од багажниот простор на возилото. Осомничените, со така преправеното возило, отпатувале во Албанија за да ја преземат дрогата. Откако дрогата била сместена во специјално припремениот бункер во градот Поградец во Албанија, осомничените се упатиле од Албанија назад кон Полска преку Република Македонија. При контролата на граничниот премин Табановце истите се откриени од страна на царинските службеници.
Вредноста на запленетата опојна дрога на западно европскиот нарко пазар се проценува на околу 40.000 евра.
Осомничените Д.Л. и К.С. се лишени од слобода и истите во текот на денешниот ден ќе бидат предадени во Основниот суд Куманово, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничените ќе поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Ова е 24-ти случај откриен годинава за шверц на дрога. Од почетокот на годината, запленети се 116 кг марихуана. Покрај марихуана, запленети се и 19,5 кг. хероин 1 кг. амфетамин, 96 таблети метамфетамин, 20 грама хашиш, 4,4 грама кокаин 2,7 грама псилоцин магични печурки.
http://www.customs.gov.mk/ShowNews.aspx?ItemID=3167&mid=1099&tabId=&tabindex=0 (фото)
http://www.carina.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=501 (видео)