Почетна
Почетна
Почетна
Would you like to react to this message? Create an account in a few clicks or log in to continue.



 
HomeРегистрирајте сеВлезfacebookОдбрана Форум YouTubeinstagramОдбрана Форум-Аndroid app

 

 Атентатот врз Киро Глигоров - 1995

Go down 
АвторПорака
SIG

SIG


Број на мислења : 6110

Атентатот врз Киро Глигоров - 1995 Empty
ПишувањеПредмет: Атентатот врз Киро Глигоров - 1995   Атентатот врз Киро Глигоров - 1995 EmptyСаб 02 Јун 2012, 20:48

АТЕНТАТОТ ВО 95-ТА-ТЕРОРИЗАМ ОД ВНАТРЕШНИ, НАДВОРЕШНИ ИЛИ КОМБИНИРАНИ ПОЛИТИЧКО-РАДИКАЛНИ ПОЗИЦИИ? (1)

Времето во кое ја градев теориската конструкција на ставови за обидот за атентат врз некогашниот претседател на нашата држава, и во календарска, и во општествена смисла беше поинакво од овој актуелен период во кој сме сведоци на одредени облици на политички и други искази кои директно се однесуваат на овој безбедносен настан, а имаме прилика да ги дознаеме од македонските медиуми. Значи, објавувањето на оваа одамна планирана статија (теориско-концепциски организирана и предвидена како дел од овој фељтон) е само во календарска коинциденција со најновите случувања поврзани со атентатот. Но, сепак, објавувањето на секоја статија има своја смисла (сфатена како основна идеја и намера на презентираните ставови), па така да сметам дека коректно би било истата да се објасни со што би се намалила веројатноста од погрешна перцепција на (теориските) ставови кои следуваат. Имено, длабоко сум убеден, и покрај тоа што надлежните државни органи се уште овој настан го водат како службено нерешен, и покрај тоа што за истиот постои информациски дефицит, во научна смисла, постои научна и општествена оправданост од заземање на научни ставови од страна на македонската безбедносна наука за атентатот, а кои ставови до овој момент отсуствуваат. Во тој контекст, иако не постои доволно научно употреблив и јавно објавен информациски материјал кој како научна граѓа би бил основа за научни истражувања со очекуван поволен научен-теориски исход, би се обидел да презентирам систем на теориски ставови со кои би се утврдиле одредени елементи од (криминалната) феноменологија на атентатот, а би се утврдила и една теориско-концепциска рамка која содржински би опфатила одредени елементи кои би упатиле на одредени димензии од (криминалната) етиологија на овој конкретен облик на политичко насилство.


Имено, на 3 октомври 1995 год. околу 09.45 часот во Скопје, на ул. ”Македонија" во близина на хотелот ”Бристол", од сеуште непознати лица со т.н. ”автомобил-бомба" беше извршен обид за атентат врз тогашниот Претседател на Република Македонија (РМ). Од експлозијата, како што официјано е информирана јавноста, Претседателот се здоби со повреди во пределот на главата, лицето и екстремитетите, по што во 10.10 часот беше донесен во Градската хируршка болница во Скопје, од каде по укажаната прва помош и спроведената реанимација, беше префрлен на Хируршките клиники на Медицинскиот факултет, каде пак, по изведената дијагностичка постапка, конзилиум на лекари (определен од тогашниот министер за здравство) реши да изведе хируршка интервенција која заврши со позитивен исход. Но, освен споменатото, виктимолошката димензија на овој трагичен настан, меѓу другото, ја содржи и фактот според кој од експлозијата животот го загуби возачот на автомобилот на Претседателот, беше повреден и еден од придружниците од обезбедувањето на Претседателот, додека пет граѓани-случајни минувачи беа повредени, од кои двајца потешко, при што еден од нив, од здобиените повреди подоцна и почина. Тоа е накратко, елементарната дескрипција на овој настан.


Од криминалистички и криминално-феноменолошки аспект, би напоменал дека појавниот облик на начинот на извршување на ова казнено дело се состои во активирање на експлозив поставен во автомобил (т.н. „автомобил-бомба”). Од криминалистичко-технички аспект, (барем според јавно презентираните официјални информации на МВР, поточно на Кабинетот на тогашниот министер за внатрешни работи од 04 октомври 1995 год.), веднаш по настанот е извршен увид на лице местото (кој претставува дел од вкупната криминалистичко-техничка обработка на лице местото) од страна на окружниот јавен обвинител, истражниот судија од Окружниот суд во Скопје и стручна екипа на МВР. При увидот било утврдено дека „автомобилот-бомба” бил поставен на ул. „Македонија” спроти хотелот „Бристол”, додека автомобилот во кој се наоѓал Претседателот се движел од објектот на поранешната Железничка станица во насока кон Собранието на РМ. Од увидот било утврдено и дека се работи за автомобил марка „цитроен-ами 8” со кумановска регистрација, кој бил паркиран на десната страна од тротоарот на улицата спроти хотелот „Бристол”, како и тоа дека експлозивот (според првите проценки, околу 20 килограми) се наоѓал во задниот дел на возилото. Во „автомобилот-бомба” била пронајдена вреќа со песок чија намена била силината на експлозијата да ја насочи кон автомобилот на Претседателот, додека активирањето на експлозивот, најверојатно, е извршено со далечински управувач. Во времето на извршувањето на обидот за атентат, Претседателот се наоѓал на предното седиште во автомобилот, до возачот. Понатаму е наведено дека „од страна на МВР, на самото место на настанот се преземале мерки за пронаоѓање и на други материјални докази”, додека пак на прес конференција на тогашниот министер за внатрешни работи која се одржа на 26 октомври 1995 год., истиот изјави дека е извршено „...максимално возможно стручно покривање на сите траги, односно на сите докази од местото на настанот...”. Инаку, спротивно од некои шпекулативни информации во одредени медиуми, од криминалистичко-технички аспект, би навел дека криминалистичко-техничката обработка на лице местото каде беше извршен атентатот претставува исклучително важна постапка за докажување и разјаснување на ова казнено дело против државата, бидејќи овозможува откривање и фиксирање на материјалните траги кои се во непосредна врска со атентатот и неговите сторители. Само теориски, без да навлегувам во стручноста на конкретно извршениот увид на лице местото каде беше извршен атентатот, би истакнал дека ефикасна и ефективна криминалистичко-техничка обработка на лице местото каде е извршен еден атентат подразбира: квалитетна опрема за вршење на увидот; правилно одредување на просторните граници и правилно обезбедување на лице местото (имено, секое казнено дело, па и насилните политички казнени дела, освен своја временска, имаат и своја просторна димензија, па така да особено битно е одредувањето на границата до каде се простираат материјалните траги кои се во непосредна врска со атентатот; од друга страна пак, коректното обезбедување на лице местото, организирано според криминалистичките правила, оневозможува лесно уништување на постоечките и настанување на нови криминалистичко нерелевантни трагиWink; правилно извршување на статичката фаза од увидот (прегледот на лице местото на атентатот, обележувањето на трагите, фотографското фиксирање и скицирањето на лице местото); правилно извршување на динамичката фаза од увидот (со започнувањето на оваа фаза од увидот веќе настануваат одредени промени на лице местото, односно се земаат и пакуваат трагите од лице местото, се документираат трагите од евентуални папиларни линии и се врши повторен преглед и фиксирање на лице местото на атентатот); изготвување на криминалистички уредна и доказно употреблива техничка документација од увидот на лице местото на атентатот (извештај за криминалистичко-техничкиот преглед на лице местото на атентатот, фото-документација и евентуално ситуационен план на лице местото на атентатот); правилно избрани посебни методи на фиксирање на лице местото на атентатот; постоење и создавање на можност (меѓу другото, и со криминалистичко-техничка поддршка) од реконструкција на настанот на лице местото. Кога би постоеле јавно објавени официјални информации за конкретно извршената криминалистичко-техничка обработка на лице местото на атентатот во 95-та, тогаш би можеле да судиме и за стручноста при тогашното криминалистичко-полициско постапување, така да она што го среќаваме во медиумите околу овие димензии на атентатот останува да го толкувам засега само како научно некорисен облик на шпекулација.


Од виктимолошки аспект (виктимолошката димензија на атентатот, која ги опфаќа жртвите кои со истиот беа загрозени и претставуваат посебна криминалистичка карактеристика на атентатот), посебно интересна е виктимизацијата, односно процесот на станување на жртви, конкретно, на тогашниот Претседател и на останатите лица кои беа повредени директно од предизвиканата експлозија (инаку, жртви беа и другите граѓани на Република Македонија бидејќи кај истите самиот акт на насилство, кој поприми и облик на општоопасно дејствие, предизвика чувство на страв и несигурност). Инаку, во досегашното македонско виктимолошко (и воопшто, криминолошко) промислување, недостасуваат теориски и емпириски истражување на политичката виктимизација (ваква теориска категорија досега и немам сретнато), односно процесот на станување на жртва од политички казнени дела (инаку, научно-теориската и оперативно-практичната смисла на научните и криминалистичко-оперативните истражувања на политичката виктимизација ја согледувам во фактот што сторителите на насилни политички казнени дела во процесот на политичката криминализација ја објаснуваат нивната жртва, додека жртвата во процесот на политичката виктимизација го објаснува самото политичко казнено дело и неговите сторители). Од криминолошко-виктимолошки аспект, само би напоменал дека процесот на политичка виктимизација на тогашниот Претседател-жртва на атентатот, не е започнат со активирање на експлозивот во „автомобилот-бомба”, туку во одреден претходен период кога со одредени елементи од своето политичко однесување продуцирал виктимогени предиспозиции за примена на нелегално и нелегитимно политичко насилство врз него, што секако не е случај и со другите повредени жртви на атентатот.

Вратете се на почетокот Go down
SIG

SIG


Број на мислења : 6110

Атентатот врз Киро Глигоров - 1995 Empty
ПишувањеПредмет: Re: Атентатот врз Киро Глигоров - 1995   Атентатот врз Киро Глигоров - 1995 EmptyСаб 02 Јун 2012, 20:51

АТЕНТАТОТ ВО 1995-ТА-ОБИД ЗА ЗАЗЕМАЊЕ НА НАУЧНИ СТАВОВИ ВО УСЛОВИ НА ОФИЦИЈАЛЕН ИНФОРМАЦИСКИ ДЕФИЦИТ (2)


Во минатиот број на „Одбрана”, на теориско ниво и во услови на научно неповолен официјален информациски дефицит, беа разработени одредени криминалистички (криминалистичко-технички), криминално-феноменолошки и виктимолошки аспекти на атентатот, како и аспекти кои се однесуваат на криминалистичката методика на откривање и разјаснување на ова политичко казнено дело. Во ова продолжение, освен што ќе направам осврт на јавно презентираните официјални информации за преземените мерки и активности на МВР за откривање на организаторите и извршителите на атентатот, истиот ќе биде анализиран и од безбедносно-теориски, казнено-правен и политолошко-безбедносен аспект.


Во оваа прилика иако нема да навлегувам во практичните можности (и научно-теориската основа) на посебната криминалистичка методика на откривање, докажување и разјаснување на политичкиот криминалитет (конкретно, и на атентатите како посебно политичко казнено дело), сепак, врз основа на јавно објавените официјални информации (кои се однесуваат на периодот до 14 јуни 1996 год.), ќе презентирам одредени содржини кои се однесуваат на преземените мерки и активности на МВР за откривање на организаторите и извршителите на атентатот, а кои се израз на криминалистичкиот аспект на (транспарантно и официјално презентираниот) дел од оперативната (криминалистичко-полициска) дејност на МВР, насочена кон докажување и разјаснување на атентатот. Имено, според официјалната информација на МВР (поточно, на Кабинетот на тогашниот министер за внатрешни работи) од 04 октомври 1995 год., на иницијално ниво, веднаш по настанот, МВР преземало мерки на зголемување на контролата на сите влезни и излезни сообраќајни патни правци во градот и поширокото подрачје околу Скопје, а воедно била зголемена и контролата на сите гранични премини на територијата на РМ, при што било активирано и длабинското обезбедување, а за преземањето на понатамошните мерки бил активиран и целокупниот униформиран и цивилен состав. Од аспект на опкружувањето, сите објекти, станбени згради и трговски дуќани целосно биле проверувани, при што паралелно било вршено легитимирање и детален претрес. Имено, биле извршени легитимирања на 188.250 лица, контролирани биле 115.000 моторни возила, претреси биле извршени над 18.929 лица, преглед бил извршен над 10.137 лица, а биле извршени и претреси на 30.850 и прегледи на 20.225 моторни возила. Во рамките на вкупните безбедносни активности добиени биле повеќе сознанија за можната инволвираност во атентатот на 182 лица, од кои 33 биле странски државјани, а 38 лица не живееле на територијата на РМ (Австралија-11, СР Германија-10, Бугарија-8, СРЈ-7, Франција-1 и САД-1 лице). Од аспект на учесниците на боиштата во поранешна Југославија, односно лица кои заговарале формирање на паравоени единици во РМ, кон нив биле преземени мерки и утврдено е алиби за 92 лица, од кои со 22 извршен е и информативен разговор, за 6 од нив извршени биле дополнителни проверки, при што сите биле исклучени како сторители на атентатот. Биле извршени информативни разговори со 9 од вкупно 18 лица кои припаѓале на криминалното подземје, додека за другите лица извршени се оперативни проверки, при што не се добиени индиции за нивна можна инволвираност во атентатот. За оперативни разговори обезбедени биле сите лица кои се затекнале на местото на настанот, како и лицата кои во тоа време ги паркирале своите возила на улицата спроти хотелот „Бристол”. Имено, биле извршени разговори со 183 граѓани од кои 66 биле присутни на самото место на критичниот ден (24 минувачи; 36 лица вработени во околните продавници и претпријатија; 28 станари на ул. „М. Х. Јасмин”; 23 сопственици на автомобили, паркирани или во движење на местото на настанот; 7 работници во ПТТ кои во критичното време изведувале монтерски работи и 10 полицајци), 5 лица присутни на ул. „Македонија” на 02 октомври 1995 кога наводно е снимена фотографијата на наводниот германски државјанин на „автомобилот-бомба” и 8 лица кои претходните денови на ул. „Македонија” забележале сомнителни активности на НН лица. Како што е официјално наведено, од извршените проверки и разговори со нив, не се добиени сознанија кои битно би влијаеле за натамошниот тек на истрагата, но наведено е дека индикативно е тоа што изјавите на неколку лица се поистоветуваат со одредени безбедносни запазувања. Понатаму, извршени биле информативни разговори со 131 лице, со цел, добивање на поконкретни податоци за купувањето на „автомобилот-бомба”, лица кои биле присутни на Автопазарот на 24 септември 1995 год. кога е и извршена купопродажбата на автомобилот „ами-8. За 52 лица биле извршени оперативни проверки, а по оперативен пат е обезбеден список на сите возила со марката „ами-8”, бела боја, со кумановски регистарски таблици и биле извршени проверки за нивното движење од 24 септември до 03 октомври 1995 год. Понатаму, официјално е наведено дека врз основа на фотографијата од 02 октомври 1995 год., наводно добиена од СР Германија, за возилото „комби-мерцедес”, паркирано на ул. „Македонија” на горенаведениот датум, била извршена оперативна проверка за сите возила од оваа марка во целата Република, при што биле пронајдени сопствениците и возачот на комбито и со нив биле извршени информативни разговори. Од аспект на изработениот фоторобот, за наводна сличност со истиот биле добиени податоци од 524 лица, од кои со 229 лица бил извршен и информативен разговор, а оперативни проверки биле извршени за 85 лица. По објавувањето на фотографијата на лицето-можен купувач на „автомобилот-бомба”, податоци за сличност со фотографијата биле добиени за 202 лица, од кои за 36 лица биле извршени оперативни проверки, а со 58 лица биле извршени информативни разговори. Биле обезбедени податоци за сите правни лица од Републиката кои користеле експлозив за стопански цели, како и за влегување и излегување на експлозивот во евиденционите книги. Официјално беше наведено дека во рудникот „Ржаново” е утврден недостиг на експлозив (амониум нитрат) во количество од 192 кг и тој недостиг бил подоцна компензиран од странска фирма која изведувала минерски работи во рудникот. Потоа, биле извршени оперативни проверки за сите лица вработени во претпријатијата, а со ракувачите биле извршени информативни разговори, но како што официјално е наведено, не се добиени сознанија за можноста овој експлозив да биде употребен при атентатот. Откако биле добиени сознанија за лица кои приватно поседувале експлозив, биле извршени информативни разговори со 25 лица поседувачи и корисници на експлозив (за лов и риболов), при што било утврдено нивно алиби со што биле исклучени од можноста дека се инволвирани во атентатот. Исто така, биле добиени податоци за употребата на експлозивот ПЕТН (во различни држави се појавува како пентрит, пента, хиперит и сл.). Инаку, овој експлозив се користел во повеќе претпријатија (рудниците „Бучим”, „Ржаново”, „Тајмиште” и „УСЈЕ”) и истиот служел како засилувач, кој иницира засилување и забрзување на експлозијата. ПЕТН-от обично се пакувал во мали пакувања, т.н. бустери со тежина од 200 до 350 грама. Во тој контекст, поточно во врска со природата на овој експлозив и неговата набавка, извршени биле разговори со експерти од „Руд-проект” и „Сувенир”-Самоков, при што од нив биле добиени сознанија дека овој експлозив се набавува од тогашна СРЈ (денешна Србија) и Бугарија. Инаку, биле извршени 18 информативни разговори со лица кои ракуваат со овој експлозив. Биле извршени и 8 информативни разговори и 10 оперативни проверки за лица кои се занимаваат со продажба на вреќи, при што лицата биле исклучени од натамошна постапка поради добиените алиби и различниот состав на вреќите за кои било утврдено дека не се идентични со остатоците на вреќите од „автомобилот-бомба”. Извршени биле и проверки на 146 препријатија кои во текот на својата работа користеле, разменувале или продавале манганов челик (со квалитет 3160 и со 12% манган-висококвалитетен манганов челик), при што во едно претпријатие било пронајдено нагризано парче на овој вид на челик идентично на металните делови кои биле пронајдени на местото на настанот. Врз основа на добиените податоци за лица и фирми кои поседуваат и продаваат далечински управувачи, радиостаници, мобилни телефони и гаражни врати со далечинско управување, МВР (како што е наведено) располагало со податоци за 72 лица кои поседувале вакви апарати, при што со 48 од нив биле извршени информативни разговори, а за другите биле извршени проверки. Од аспект на анонимните пријави, во периодот до 14 јуни 1996 год., биле примени 27 анонимни пријави, од кои 15 се однесувале на можни извршители на атентатот и 174 закани со погрдна содржина, или, пак, се однесувале на закани врз животот и телото на одредени личности од политичкиот живот. Како што е наведено, преземени биле мерки за утврдување на веродостојноста на заканите, при што со 35 лица бил извршен информативен разговор, додека за другите биле извршени проверки при што во целост било утврдено нивното алиби. Од аспект на странските државјани, биле обезбедени списоци на странски државјани кои пред, за време и по атентатот, по разни основи, претстојувале во РМ. Исто така, биле составени списоци за влегување и излегување на граничните премини, гости во хотели, мотели и приватни преноќувалишта, при што во тој сегмент било разговарано со 125 странски државјани. Интересно е да се напомене дека врз основа на пријавата на странски државјанин дека наводно извршители на атентатот се 8 лица државјани на РМ, од кои едно женско лице, наводно возач на „автомобилот-бомба”, и еден државјанин на РМ со привремен претстој во Братислава (Република Словачка), како што официјално е наведено, МВР ги привела и задржала на разговор, но при расчистувањето на случајот не биле потврдени наводите од пријавата на странскиот државјанин за нивната поврзаност и вмешаност во атентатот. Понатаму, врз основа на сознанија добиени од граѓани за движењето на возилото „ами-8” со регистарски број КУ-240-МБ непосредно пред атентатот, МВР на 02 и 09 декември 1995 год. и 13 јануари 1996 год., по претходно утврден план и по наредба на истражниот судија од Окружниот суд во Скопје, со цел, добивање на сознанија за извршителите на атентатот и обезбедување материјални докази, извршило преглед и претрес на гаражи, шупи, автосервиси и други слични објекти на делови од подрачјата на општините Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Центар. При прегледите и претресите на објектите во 167 случаи се земени примероци на несепариран песок, повеќе парчиња на лим, алки од синџири, метални парчиња, вреќи, акумулатори, барут и други предмети, при што истовремено се извршени прегледи на 14.598 објекти и при тоа биле анкетирани 13.688 граѓани (при анкетирањето на граѓаните, во 22 случаи се добиени податоци за лица слични на фотографијата и со нив биле извршени разговори). Од аспект на докажувањето и расветлувањето на атентатот со помош на меѓународната безбеденосно-разузнавачка и полициска соработка, била побарана и добиена помош од САД, Велика Британија и Германија, од каде специјализирани експерти за експлозиви и антитероризам заедно со експерти на МВР (како што јавно и официјално е наведено) извршиле детална истрага за обидот за атентат и за откривање на сторителите. Исто така, била побарана и добиена согласност за помош од неколку пријателски земји во добивањето на информации поврзани со можните мотиви на сторителите. Конкретно, во рамките на меѓународната соработка и Интерпол (до 14 јуни 1996 год.), добиени се одговори од 18 држави, при што (како што е јавно и официјално наведено) тие истакнале дека не располагаат со корисни сознанија за расветлување на атентатот. Од аспект на полициското физичко обезбедување на лица и објекти, Единицата за специјални задачи при МВР била ангажирана на обезбедување на Собранието и Владата на РМ, а во мобилна состојба била ставена и Посебната единица на полиција (при МВР). Инаку, горенаведенети податоци потекнуваат од официјалното соопштение на Кабинетот на тогашниот министер за внатрешни работи (04 октомври 1995 год.), прес конференцијата на тогашниот министер за внатрешни работи (26 октомври 1995 год.) и „Информацијата за преземените мерки и активности на МВР за откривање на организаторите и извршителите на атентатот врз Претседателот на РМ”, која тогашниот Претседател на Владата на РМ на 14 јуни 1996 год. ја достави до тогашниот Претседател на Собранието на РМ, така да овие податоци претставуваат единствена јавно објавена официјална информациска граѓа која може научно да се експлоатира, од што произлегува фактот според кој, како што напоменав, постои информациски дефицит кој оневозможува научно истражување на атентатот кое би резултирало со поволен научни-теориски исход. Од друга страна, овој информациски дефицит овозможува (во зависност од политичките интереси на одредени политички и квазиполитички субјекти, а можеби и во зависност од криминалните интереси на организаторите на атентатот) реализација на смислена и организирана политичка манипулација со организирано пласирање на дезинформации и недозволен обид за влијание на јавното мислење и социјалните ставови на македонските граѓани .


Од безбедносно-теориски аспект, сметам дека постои научна потреба овој безбедносен настан точно теориски да се класифицира, односно врз основа на досега во науката прифатените теориски ставови (кои имаат своја научно-теориска смисла и значење), истиот теориски да се објасни како посебен облик на субверзивно дејство и воедно посебен облик на загрозување на безбедноста на Република Македонија, анализирано од безбедносно-загрозувачки феноменолошки аспект. Имено, неопходно е да се укаже на грешката според која вообичаено е, и тоа не само колоквијално, туку и теориско изедначување на политичкото убиство и политичкиот атентат. Во етимолошка смисла, изразот атентат (латински: attetare-обид за напад на нешто или некого) сметам дека погрешно се користи како синоним за политичкото убиство на владетелите и високите државници, т.е. за магницидот (латински: magnus-највисок, и ceadere-да убиеш). Слично значење има и зборот асасинација (англиски: assession), при што овој збор го подразбира секое умислено убиство на граѓанин или државник од било кој ранг од политички мотиви. Во безбедносната наука и практика, познато е дека секое политичко убиство не е плод на одреден атентат, ниту пак секој атентат завршува со убиство (како во случајот од нашата македонска безбедносна практика, односно случајот со атентатот врз нашиот тогашен Претседател на државата). Првата и суштинска разлика помеѓу политичкото убиство и атентатот се состои во тоа што покрај успешни постојат и неуспешни атентати (како кај нашиот случај), што секако не може да биде случај кај политичкото убиство. Втората разлика се состои во тоа што атентатот подразбира загрозување на животот на одредена релативно важна политичка личност, што при самото извршување а и одредување на политичкото убиство не е нужно и воопшто не мора да биде случај, па така да атентатот во науката се одредува како еден специфичен насилен начин на извршување или обид за политичко убиство. Третата разлика (прифатена во науката) се состои во тоа што атентатот подразбира загрозување на животот на една личност или релативно мал број на личности, додека политичкото убиство може да има и масовни размери. Понатаму, поимот на атентатот подразбира постоење на завера, додека кај политичкото убиство (посебно кај институционализираното), тоа не мора да биде случај. Атентатите најчесто се извршуваат со употреба на огнено оружје и експлозивни средства (ретко со ладно оружје), додека кај политичкото убиство воопшто нема ограничувања во изборот на средствата (на пример може да биде користен отров). Значи, од безбедносно-теориски аспект, како поими, атентатот и политичкото убиство се испресекуваат, но не се поклопуваат. Исто така, од безбедносно-теориски аспект, конкретно, од аспект на феноменологијата на политичкото насилство, атентатот во 95-та би го одредил како посебен појавен облик на политичко насилство (инаку уште од поодамна започнав со нужно потребните теориски истражување на сложената содржина на феноменот на политичкото насилство, кои истражувања дотогаш отсуствуваа во македонската безбедносно-научна мисла. За ова види во мојот научен труд: ”Политичкото насилство и загрозувањето на безбедноста", Годишник на Полициската академија, 2007/2008 год., Универзитет ”Св. Климент Охридски", Полициска академија, Скопје, 2008 год.). Имено, теориски изведено од мојата дефиниција за политичкото насилство (за ова види во споменатиот научен труд), атентатот од 95-та произлегува од еден дисјунктиван процес на општествено-политичка интеракција при што беше применета нелегитимна, индивидуална, моментална и директна физичка сила над тогашниот Претседател на нашата држава, која примена на сила освен што имаше своја инструментална функција (примена на сила како средство за остварување на конкретна политичка цел), имаше и своја комуникативна функција (сигналното својство на конкретниот атентат како средство за пренесување на порака како на директно загрозениот објект-директната жртва, односно тогашниот Претседател, така и на другите, кои исто може да се третираат како жртви ако кај нив е предизвикан страв и несигурност).


Од казнено-правен аспект, атентатот има елементи на две казнени (кривични) дела против државата. Инаку, смислата на моето скромно и елементарно казнено-правно објаснување на атентатот се состои во интенцијата според која барем теориски, правото, односно казнено-правната заштита на државата да се ослободи од политиката (од одредени политички интереси на одредени политички и квазиполитички субјекти). Имено, атентатот може да се квалификува како казнено дело (против државата) тероризам (санкционирано според член 125 од тогашниот Кривичен закон на РМ) бидејќи е присутен психолошкиот момент на предизвикување на страв и несигурност кај граѓаните (инаку по овој елемент тероризмот се разликува од другите политички казнени дела на насилство), при што намерата е да се загрози уставниот поредок или безбедноста на нашата држава, каде дејствие на извршување (во казнено-правна смисла) претставуваат преземањето на акт на насилство и општоопасно дејствие, во конкретниов случај, предизвикувањето на експлозија со т.н. „автомобил-бомба”. Исто така, атентатот ги содржи и елементите на казненото дело (против државата) убиство на претставници од највисоките државни органи (санкционирано според член 122 од тогашниот Кривичен закон или член 309 од актуелниот Кривичен законик на РМ) или во безбедносната наука познато како политички атентат кој претставува еден од првите форми на политички деликт. Понатаму, од казнено-правен аспект, политичкиот атентат по своето објективно битие не се разликува од убиството при што пасивен субјект е тогашниот Претседател на РМ. Субјективната страна кај ова казнено дело покрај умислата опфаќа и намера за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на нашата држава, која намера (како субјективен елемент на противправноста) треба да се утврди и докаже, бидејќи ако евентуално не се утврди постоење на таква намера, ќе се работи за обично, односно тешко убиство или во конкретниов случај (на неуспешен атентат) за обид за убиство.


Од политолошки аспект, односно од политолошко-безбедносен аспект (при обликувањето на политолошките ставови, конкретно, за атентатот како безбедносно-загрозувачка појава, сметам дека е нужно интегрирањето и на безбедносно-научната димензија на промислување како нивен составен елемент), постои голема веројатност дека атентатот претставува суштински елемент од една поширока офанзивно-насилна политичка операција (можеби внатрешна, надворешна или комбинирана), целно насочена кон квалитативно менување на општествено-политичката состојба во нашата држава, која операција свој извор има во претходно започнат процес на дисјунктивна политичка интеракција која е израз на спротивставени интереси на политичкото однесување на тогашниот Претседател на нашата држава (сфатен како институција) и носителот или носителите на политичкиот радикализам односно инспираторите на атентатот. Бидејќи постои голема веројатност дека актот на насилство е извршен од позиции на политички радикализам, сметам дека е потребно овој поим накратко да го експланирам. Имено, во процесот на политичка интеракција секогаш се јавува потребата од промена, или како што во политологијата се констатира: регулација или дерегулација на поедини аспекти на општественото живеење, во случајов во РМ. Ова пак се проектира како политичко прашање и претставува вовед во политички конфликт (кој претставува константна и нормална општествена појава во политиката). Од аспект на политичкото конфронтирање, атентатот во 95-та најверојатно беше израз на трансформација на дотогаш латентен политички конфликт во маниифестен политички конфликт со изразито политичко-радикална димензија која се согледува во прибегнувањето кон практикување на политичко насилство, така да може да констатирам дека се работи за радикален политички конфликт помеѓу политичкото однесување на институцијата Претседател на нашата држава и организаторите на атентатот. Овој радикален политички конфликт се одигруваше во специфично политичко (и општествено) време, односно во (еден политички и безбедносно чувствителен) период кога внатрешно-политичката состојба во државата и нејзините надворешно-политички определби беа политички релевантни за организаторите на атентатот. Имено, во тој период, нашата држава релативно, се наоѓаше во завршната фаза на процесот на нормализација на односите со дел од соседните држави (потпишувањето на меѓусебниот договор со Грција на 13 септември 1995 год.), заокружувајќи ја и основната политичка филозофија на нашата држава, чиј суштински елемент претставуваше комплетната надворешно-политичка определба за евро-атланските интеграции, што воедно беше и израз и потврда на неотстапување од утврдените магистрални линии на надворешната политика (а тоа значи и на балканската политика на РМ, а посебно кон тогашна Сојузна Република Југославија која барем до 03 октомври не немаше признаено како држава). Понатаму, овој радикален политички конфликт се одигруваше и во конкретен политички простор, односно и во еден регионален политички простор кој, меѓу другото, беше структуиран и со неповолното македонско геополитичко опкружување. Ова неповолно геополитичко опкружување на нашата држава, меѓу другото, беше создадено од политичкото однесување на четирите наши соседи кои во одредени политички периоди имаа интерес од политичка дестабилизација на нашата држава со паралелно загрозување на нејзината национална безбедност (слободно, метафорички може да се истакне дека РМ во одредени периоди од својата понова политичка и безбедносна историја, а посебно во периодот до извршување на атентатот, се наоѓаше во „опкружување на четири крволочни кучиња” кои, поединечно или заедно, во комбинација и заедничко противуставно делување со одредени нивни агентурни и политички релевантни инсталации во нашата држава, имаа интерес да ја „растргнат” нашата татковина). Не занемарувајќи ги за научна анализа, меѓу другото, непринципиелните политики кон нашата држава на Грција, Бугарија и Албанија, во контекст на атентатот, особено е интересен за научно истражување процесот на безбедносно загрозување на РМ од позиции на надворешно-внатрешен српски радикализам (барем јас, не им ги заборавам безбедносно-загрозувачките искази на одредени српски политичари и од нив иницираните политички, воени и безбедносно-загрозувачки постапки кон нашата држава, а особено случајот со „Чупино брдо”).

Заклучувајќи ја оваа статија, која е израз на обидот за развивање и втемелување на теориски основи на еден мултидисциплиниран пристап (на македонската безбедносна наука) во дескрипцијата и експланацијата на атентатот во 95-та во услови на информациски дефицит, би го констатирал следното:

1. И покрај актуелната и научно неповолна состојба на информациски дефицит, односно немањето на доволно научно употребливи информации за методолошки коректно научно осветлување на атентатот (во 95-та), постои научна и општествена оправданост од заземање на одредени научни ставови за овој конкретен облик на политичко насилство, кои научни ставови во зависност од намалувањето на споменатиот информациски дефицит ќе се развиваат, се до конечно поволен научно-теориски исход.

2. Теориско-концепциската рамка и теориските основи врз кои научно би се истражувал атентатот треба да бидат научно фундирани со мултидисциплинарен пристап кој содржински би го сочинувале криминолошки, криминалистички (меѓу нив, и криминалистичко-технички), виктимолошки, безбедносно-теориски, казнено-правни и нужно политолошки (политолошко-безбедносни) аспекти.

3. И конечно, може да се констатира, дека во Република Македонија освен што од поодамна се развива процес низ кој одредени политички прашања се трансформираат во безбедносни прашања (процесот на трансформација на политичкото дејствување од позиции на албански радикализам во терористичко дејствување или во други облици на политичко насилство), од аспект на одредени политички интереси на одредени политички и квазиполитички субјекти (а можеби и заради криминалните интереси на организаторите на атентатот), во случајот со атентатот, се развива еден процес на трансформација на едно безбедносно прашање во политичко прашање.



Извор: Гоце Аризанкоски, Атентатот во 1995-та - обид за заземање на научни ставови во услови на официјален информациски дефицит, Одбрана, бр. 153, Министерство за одбрана, јануари, 2009 год.
Вратете се на почетокот Go down
 
Атентатот врз Киро Глигоров - 1995
Вратете се на почетокот 
Страна 1 of 1

Permissions in this forum:Не можете да одговарате на темите во форумот
Почетна :: Кантина :: Наука и литература-
Отиди до: